Популарното музичко шоу „Имат Немат“ продолжува со уште посилно темпо и нова телевизиска приказна која веќе го привлекува вниманието на јавноста. Овојпат, снимањето на новите емисии се реализираше во сосема ново и модерно студио во Охрид, кое според капацитетот и продукциските услови важи за најголемото музичко студио во Македонија.
Новата сцена нуди врвни услови за телевизиска продукција, одлична акустика, современ амбиент и простор за дури 150 посетители во публика, што создава вистинска концертна атмосфера и дополнителна магија во секоја емисија.
На снимањата присуствуваа бројни познати музички имиња од македонската естрада, меѓу кои Благица Павловска, Заклина Заки, Татјана Стефановска, ОК Бенд, Дарко Билбиловски, Тоше Ангеловски, Методи Столевски, Кире Науневски и многу други уметници кои со своите настапи дадоа посебен белег на новите изданија.
За музичката магија во живо повторно се погрижија маестралните Здраве Мјузик – бенд кој со години важи за синоним за квалитетна жива свирка и професионална придружба на најголемите музички имиња.
Препознатливите домаќини Жанко ЗС и Тетинот и овојпат беа во свој стил – харизматични, духовити и блиски до публиката, токму она што го прави „Имат Немат“ различно и препознатливо телевизиско шоу.
Шоуто е во сопственост на Ин Продукција, а се емитува на сателитските телевизии ТВ Ин и Фолк Клуб, како и на повеќе регионални телевизии низ Македонија. Благодарение на долгогодишната традиција и силната гледаност, „Имат Немат“ важи за едно од најследените музички шоуа кај македонската дијаспора.
Покрај ова, од Ин Продукција најавуваат уште еден нов телевизиски проект – „Фолк Дуел“, ново шоу кое е во завршна фаза на подготовка и кое наскоро ќе донесе нова музичка возбуда на малите екрани.
„Имат Немат“ и понатаму останува викенд бренд за добра музика, народна песна и вистинска естрадна енергија, а новото студио во Охрид само потврдува дека шоуто влегува во една сосема нова и уште поголема телевизиска ера.


