До нашата редакцја се обрати гледач
Почитувани,
Јас сум гледач кој со почит ја следи вашата работа и сакам да споделам една иницијатива која долго време ме мачи и за која верувам дека допира до чувствата на многу луѓе во Македонија.
После толку години на разни разочарувања и понижувања, мислам дека целиот народ има потреба од нешто што ќе нè направи горди – нешто што ќе покаже дека знаеме да ги почитуваме нашите легенди и културното наследство.
На сите можни настани – во кафеани, на прослави, на телевизија, па дури и на државни собири – постојано се пее песната „Zavetna“, легендарното дело на големиот Pepi Baftirovski. Таа песна стана симбол на македонската душа, песна што ја обединува нацијата и буди силни емоции кај секој Македонец.
Но тука постои една тажна иронија.
Според изјава на сопругата на Бафтировски, семејството во еден момент немало средства – околу 5000 долари – за неговото тело да биде пренесено и погребано во Македонија. Во исто време, многу пејачи ја пеат „Zavetna“ на настапи, прослави и концерти, и сосема нормално е што од музиката и пеењето се заработува. Тоа е нивната професија.
Но зарем не треба да направиме и нешто возвишено?
Мојата идеја е јавна иницијатива во која ќе се вклучат медиумите, уметниците, пејачите и целата јавност. Да се организира настан или кампања преку која сите заедно би собрале средства за да се исполни една голема морална обврска – посмртните останки на Pepi Baftirovski достоинствено да бидат донесени и погребани во Македонија.
Замислете ја таа слика: целата јавност обединета, уметници, музичари, телевизии и граѓани – сите заедно да направат нешто што ќе остане запаметено. Тоа би било чин на почит кон човекот чија песна со години ја пеат генерации.
Тогаш, кога пејачите ќе ја пеат „Zavetna“, ќе ја пеат со уште поголема гордост и со чиста совест, знаејќи дека човекот кој ја создал конечно почива во својата татковина.
Тоа би било момент на вистинска национална гордост – нешто што ќе покаже дека знаеме да ги цениме нашите културни великани.
Ве молам размислете за оваа иницијатива. Доколку постои можност медиумите да помогнат во нејзиното реализирање, сигурен сум дека ќе оставите трага во јавноста и ќе направите нешто што ќе биде запаметено.
Со почит и надеж дека оваа идеја ќе допре до што повеќе луѓе.


