„Новогодишно издание на Охридскиот музички еснаф – магија и староградска традиција на ИНТВ

Здружението на музичари од Охрид, под водство на познатиот охридски музичар Венко Пашоски, веќе неколку години успешно ја негува и промовира богатата музичка традиција на регионот. Деновиве во студиото на ИН Продукција беа снименo специјално новогодишно и божиќно издание од нивниот проект, кое ќе биде емитувано на сателитската ИНТВ, на регионалната ТВМ и на неколку регионални телевизии за време на празничниот период.

Проектот на Охридскиот музички еснаф има за цел зачувување и промовирање на охридската староградска песна, со посебен акцент на нејзиниот карактеристичен звук и уникатниот музички израз.

Во оваа поголема продукција учествуваа 25 музичари, солисти и инструменталисти, сите членови на еснафот. За ова издание беа обработени 26 традиционални песни од Охридско–струшкиот регион, додадени се 4 авторски композиции со тематика за Охрид, како и две од најпопуларните македонски авторски песни.

Претседателот на Здружението, Венко Пашоски, за Охридњуз истакна:
“Со овој проект сакаме да ја зачуваме и промовираме охридската музичка традиција и да ја донесеме до новите генерации, како и до сите љубители на македонската музика ширум светот.”

Специјални гости на проектот беа Евто Пупиноски, со безвременската нумера „Лихнида кајче веслаше“, и Наум Петрески, со антологиската песна „За много години Македонци“, две композиции кои веќе имаат заслужено место во музичкото наследство на Охрид и Македонија.

Со оваа продукција, Охридскиот музички еснаф уште еднаш ја потврдува својата улога како чувар на музичката традиција и промотор на културното богатство на регионот, обезбедувајќи незаборавно музичко искуство за сите љубители на македонската музика во празничниот период.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*
*