Радев продолжува со изјавите за наводна антибугарска идеологија во Македонија и дека македонскиот идентитет е измислен од комунистичката интернационала. Зборувајќи пред бугарските новинари, тој кажа и дека за време на „југословенската диктатура“ во Македонија, десетици илјади Бугари биле носени во концентрациони логори. На ова реагираше претседателот на државата Стево Пендаровски, кој истакна дека постојат потврдени историски факти дека Ванчо Михајлов бил соработник на Хитлер, а лага за политички цели е тврдењето на Радев дека по воспоставувањето на југословенската диктатура во Македонија, десетици илјади луѓе се испратени и убиени во концентрациони логори. За премиерот Димитар Ковачевски, пак, отворањето на клубот „Ванчо Михајлов ВМРО“ во Битола претставува провокација и најави дека идната недела ќе се знаат чекорите што евентуално ќе бидат преземени во врска со регистрацијата на здружението на граѓани „Ванчо Михајлов“ и отворањето на клубот
По отворањето на бугарскиот културен клуб „Ванчо Михајлов ВМРО“ во Битола, ликот и делото на некогашниот водач на организацијата повторно е предмет на многу анализи, а денеска бугарскиот претседател Румен Радев, застана во негова одбрана, истакнувајќи дека Михајлов не бил фашист. Радев продолжува со изјавите за наводна антибугарска идеологија во Македонија и дека македонскиот идентитет е измислен од комунистичката интернационала. Зборувајќи пред бугарските новинари во Софија, тој кажа и дека за време на „југословенската диктатура“ во Македонија, десетици илјади Бугари биле носени во концентрациони логори.
„Време е антибугарската идеологија, којашто вирее во Република Северна Македонија и очигледно ги труе нашите односи и намерно го подрива патот на земјата кон Европската Унија, да остане во минатото. Обидот на македонските политичари да градат идентитет на база на фалсификатите на комунистичката интернационала, а не на историската вистина, се против интересите на македонските граѓани кои навистина сакаат членство во ЕУ“, тврди Радев.
Тој додава дека Михајлов не бил фашист, туку оние кои, како што наведува, вршеле терор врз Бугарите за време на југословенската диктатура во Македонија.
„Ако зборуваме за фашизам, треба да биде јасно дека Иван Михајлов е човекот кој го одби Хитлер да ја вовлече Македонија во братоубиствена војна со Бугарија. Не беше Иван Михајлов фашист, туку други луѓе кои по воспоставувањето на југословенската диктатура во Македонија испратија и убија десетици илјади во концентрациони логори само затоа што решиле да продолжат да се нарекуваат Бугари. Ете тоа е вистински фашизам“, изјави Радев.
На овие тврдења реагираше претседателот на државата Стево Пендаровски, кој истакна дека постојат потврдени историски факти, кои не ги спори ниту бугарската историографија, дека Ванчо Михајлов бил соработник на Хитлер.
„Во 1944 година по инструкција на Хитлер доаѓа во Скопје во обид да воспостави независна македонска држава и откога не добива поддршка од локалното население рапортира назад кон неговиот шеф во Берлин дека тоа не е возможно и само тоа е доволно да го прави фашист, нацист. Ако си следбеник на таа идеологија, ти си нацист. Ако ја користиш, како во неговиот случај, нацистичката идеологија за остварување на сопствени политички цели, пак си нацист. Во спротивно би зборувале за воен злосторник, не велиме дека бил тоа, туку бил неспорно следбеник и корисник „на услугите на фашистичкиот режим во Берлин во тоа време“, истакна Пендаровски.
Тој го оцени како лага за политички цели тврдењето на Радев дека по воспоставувањето на југословенската диктатура во Македонија, десетици илјади луѓе се испратени и убиени во концентрациони логори.
„Не постои ниту еден релевантен историски извор кој ќе потврди дека 10 илјади луѓе биле во концентрациони логори во Македонија во тоа време. Ниеден, ниту во бугарската, ниту во македонската, ниту во светската историографија. Нешто што може да влезе во дефиницијата на концентрациони логори во времето на поранешна Југославија постои само на Голи Оток, денешна Хрватска. На територија на Македонија никогаш немало концентрациони логори, ниту тогаш, ниту денес. Бројката од 10 илјади наводно убиени е лага, гола конструкција за политички цели“, нагласи Пендаровски.
По бројните бурни реакции во државава, премиерот Димитар Ковачевски денеска најави дека идната недела ќе се знаат чекорите што евентуално ќе бидат преземени во врска со регистрацијата на здружението на граѓани „Ванчо Михајлов“ во земјава и отворањето на културниот центар под тоа име во Битола. Претходно, нагласи Ковачевски, сите аспекти на ова прашање ќе бидат разгледани, по што ќе биде донесена одлука за натамошните чекори.



