Опозицијата најавува нов, електронски попис по доаѓањето на власт. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во гостување на телевизија Алфа оцени дека најголемата статистичка операција е нецелосна и недовршена зашто 7.2% од населението е само административно пребројано. Тој порача и дека на Македонија во време на економска и национална криза и е потребно обединување.
Пописот е нецелосен и незавршен, затоа по промената на власта ќе направиме нова и реална статистича операција спроведена електронски. Ова го најави лидерот на опозицијата во гостување на телевизија Алфа. Христијан Мицкоски потенцира дека 132 илјади луѓе се само административно попишани, па за нив не е наведена етничката или религиската припадност. Тој вели и дека ја почитува одлуката на тие кои не се изјасниле, но и дека со нивното попишување бројката на Македонците би била поголема.
- Ние уште на самиот почеток имавме многу забелешки за оваа статистичка операција, но оној заклучок кој што можеме да го кажеме покрај фактот дека таа е некомплетна, е дека мнозинството, огромно мнозинство повеќе од 90-тина% од тие кои што не се изјасниле се дел од македонскиот народ според општините каде тие се наоѓаат и ние ги наброивме денес на прес-конференцијата но истовремено и порачавме дека веднаш после промената на власт ќе имаме една вистинска статистичка операција, електронски попис на кој што јасно ќе знаеме колкаво е резидентното население во Македонија, вели Мицкоски.


