Министерството за транспорт и врски му ја одзеде А лиценца за проектирање на градби од прва категорија на „Ремис“, градежната компанија чиј сопственик е најпознатиот охридски бизнисмен Божо Илоски.
Централниот регистар изминатите денови го одобрило решението на министерството како правосилно. Решението правосилно стапува на сила од 23 септември и од тогаш компанијата е суспендирана една година, односно толкав период нема да може да ја извршува дејноста проектирање на градби.
Инаку решението е донесено во март 2019, но дури сега станува правосилно. Лиценцата е со важност од март 2018 до март 2025, но во меѓувреме е суспендирана за една година. Илоски за истиот период нема да може да основа друго претпријатие кое ќе ја извршува истата дејност.
Бошко Ремис е мнозински сопственик на Инекс Горица, кој е еден од најпосетуваните хотели на охридската ривиера, особено од странските туристи. Илоски е сопственик и на хотелот „Парк“ , а неговата компанија ги гради најголемиот број на згради со апартмани во Охрид.
Од Министерството за транспорт и врски велат дека се работи за одземање на лиценца поради тоа што „Ремис“ го немал потребниот број на вработени инжинери. По лиценцата за проектирање на градби „Ремис“ се жалел но пресудата била во корист на министерството. Истовремено, од министерството велат дека А лиценцата за надзор на градежната компанија е истечена, додека стопирана е и А лиценцата за изведба поради немање на доволен број на инженери. За последната лиценца во тек е жалбената постапка од компанијата на Илкоски.Одземањето на лиценцата доаѓа во време кога охриѓани и екологистите веќе подолго време предупредуваат дека поради неконтролираната градба на Охридското крајбрежје, Охрид може да се најде на листата на загрозени подрачја кои се под заштита на Унеско.


