На 27 март, во салата на Македонска филхармонија со почеток во 20 часот ќе се одржи концертот „Миланова игра“, посветен на творештвото на познатиот македонски композитор и виртуоз на хармоника Милан Завков.
На сцената ќе настапат дел од најпознатите имиња на македонската народна музика – Наум Петрески, Виолета Томовска, Сузана Спасовска и Зуица Лазова, како и дуото Горан Кукиќ и Ленче Кукиќ. Во концертната програма ќе учествуваат и инструменталистите Катарина Броња и Дино Имери, придружувани од камерен оркестар формиран специјално за оваа музичка вечер.
Публиката ќе има можност да ужива во нови оркестарски интерпретации на дел од најпознатите песни и ора од богатото творештво на Завков. Аранжманите се дело на Дамир Имери и Дарко Илиевски, кои со современ музички пристап ќе внесат нова звучна димензија во традиционалниот македонски мелос. Низ програмата на вечерта публиката ќе ја води познатата водителка Ирена Спировска.
Маестро Милан Завков љубовта кон музиката ја открил уште како дете, кога на осумгодишна возраст започнал да свири хармоника. Своите први музички чекори ги направил како тинејџер во оркестарот на Ѓорѓи Димчевски во рамките на ансамблот Млад Танец, а во раните години настапувал и во КУД Мирче Ацев. Подоцна студирал на Музичка академија во Скопје, каде дипломирал со контрабас како главен инструмент. Со октетот Октет Македонија во 1970 година ја снимил и својата прва плоча со четири ора.
Во текот на својата богата кариера соработувал со познатиот саксофонист Ферус Мустафов, бил долгогодишен член на групата Македонски мерак, а работел и со Ансамбл Танец. Како автор зад себе остави голем број песни кои ги изведуваа многу познати македонски пејачи, меѓу кои и Гоце Арнаудов, Ефто Пупиновски, Благица Павловска и Анета Мицевска.
Меѓу неговите најпознати композиции се „Ај засвирете млади момчиња“, „Каде брзаш животе“, „Оди тивко“, „Гори душата“, „Заиграј со мене ти“, „Камен да беше срцето“, како и „Три срца јас да имам“ и „Љуби ме Иле Илија“, песни кои и денес се дел од богатата македонска музичка традиција.
Концертот „Миланова игра“ ќе биде вечер исполнета со емоции и музика, посветена на наследството што го остави Милан Завков, чие дело и по неговата смрт во 2023 година продолжува да живее преку генерациите музичари и љубителите на македонската народна песна. 🎶🇲🇰



