„Зимска бајка“ како пример што треба да се следи: Битола и Кичево покажаа како се почитува домашната музичка сцена

Општина Кичево оваа зима за првпат, а Општина Битола веќе неколку години по ред, успешно организираат манифестации под името „Зимска бајка“, настани кои заслужуваат внимание и почит од јавноста, но и од другите општини во државата.

Идејата е едноставна, но исклучително вредна – секојдневна музика на отворено, празнична атмосфера во градските јадра и, што е најважно, вклученост на сите локални музичари. На сцените на „Зимската бајка“ рамноправно настапуваат познати изведувачи, локални групи, но и млади, почетници и таленти кои добиваат шанса да се претстават пред својата публика.

На овој начин, не само што се создава топла и жива атмосфера во градовите, туку се испраќа и јасна порака – домашната музичка сцена заслужува поддршка, почит и фер третман. Сите учесници се испочитувани, а нивниот труд е соодветно вреднуван и платен, што ретко се гледа на ваков тип јавни манифестации.

Ова е вистински пример за културен настан „од народот – за народот“, каде што граѓаните уживаат, музичарите работат и заработуваат, а градовите добиваат живост и позитивна енергија во зимските денови.

Токму затоа, ваквите манифестации треба да бидат пример и инспирација за останатите општини. Во спротивно, со игнорирање на локалните музичари и со затворени кругови, неминовно се создава револт и разочараност кај уметниците, кои со години се столб на културниот живот.

Битола и Кичево покажаа дека кога има добра волја, визија и фер однос – сите добиваат. Сега е ред и другите градови да се огледаат на овој позитивен пример.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*
*