УКРАИНА ДОБИ ДОЗВОЛА ОД БАЈДЕН ДА КОРИСТИ АМЕРИКАНСКИ РАКЕТИ ЗА НАПАД НА РУСИЈА

Претседателот на САД во заминување, Џо Бајден, им дозволил на украинските сили да користат американски ракети со долг дострел за напади длабоко во територијата на Русија. Ова претставува значајна промена на политиката на Вашингтон во контекст на руско-украинскиот конфликт, а потврдиле три извори за Ројтерс, кои се запознаени со оваа одлука, пренесувајќи ја информацијата преку Њујорк тајмс и Би Би Си.

Според изворите, Украина планира да започне со извршување на овие напади во наредните денови, но не се откриени детали поради оперативни безбедносни причини. Ракетите најверојатно ќе бидат употребени против руските и севернокорејските трупи кои се наоѓаат во регионот Курск, западно од Русија, во обид да се одбранат украинските сили.

Оваа одлука на Бајден доаѓа неколку месеци пред неговиот наследник, Доналд Трамп, да ја преземе функцијата на 20 јануари и е резултат на неколкумесечни барања од украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој инсистирал на дозвола за користење на американско оружје за напади на руски воени цели длабоко во територијата на Русија. Дополнително, одлуката следува по извештаите дека Северна Кореја испратила војници да помогнат во војната против Украина, што предизвикало загриженост во Вашингтон и Киев.

Си Ен Ен објави дека Бајден ја укинал и забраната за распоредување американски воени изведувачи во Украина, што значи дека тие сега можат да помогнат во одржувањето и поправката на американските борбени системи, како што се авионите Ф16 и системите за воздушна одбрана Патриот.
Белата куќа засега не ги коментира овие извештаи.

Руската пратеничка Марија Бутина рече дека администрацијата на претседателот Џо Бајден, дозволувајќи и на Украина да користи американско оружје за напади длабоко во Русија, ризикува да избие трета светска војна.
„Администрацијата на Бајден се обидува да ја ескалира ситуацијата до максимум додека тие се уште имаат моќ и додека се уште се на власт“, ​​рече Бутина.
„Се надевам дека (Доналд) Трамп ќе ја смени одлуката, бидејќи сериозно го ризикуваат почетокот на третата светска војна, што не е во ничиј интерес“, додаде таа.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*