Деветте близначиња родени од Халима Сисе (26) пред една година го прославија својот прв роденден и се во одлична здравствена состојба.
„Сега сите лазат. Некои седат и дури можат да одат ако се држат до нешто“, изјавил нивниот татко Абделкадер Арби за Би-Би-Си.
Нивната мајка признава дека не е лесно.
„Понекогаш е дури и заморно, но кога ќе ги погледнете сите тие бебиња со совршено здравје, чувствувате олеснување. Забораваме на се“, истакнува Сисе.

Двојката ја има и тригодишната ќерка Соуда, а роденденската прослава ќе биде скромна. Ќе се соберат семејството, медицинските сестри и неколку соседи.
Бебињата го соборија Гинисовиот рекорд за најголем број родени и преживеани деца. Во пресрет на породувањето на 4 мај 2021 година, владата на Мали ја транспортираше Сисе во Мароко на специјализирана нега.
Сисе родила бебиња во 30-та недела со царски рез. Двете момчиња ги добија имињата Мохамед и Бах, по претседателот Мали и кралот на Мароко. Родителите решиле да го сторат тоа за да им се заблагодарат на властите на земјите кои им помогнале бебињата безбедно да дојдат на свет. Другите две момчиња се викаат Елхаџи и Оумар, додека на девојчињата им се дадени имињата Хава, Адама, Фатума, Оуму и Кадидија.
Повеќекратните раѓања се ризични, а мајките со повеќе од четири фетуси во исто време се советуваат да ја прекинат бременоста во земјите каде што абортусот е легален. Исто така, постојат ризици дека бебињата може да развијат здравствени проблеми како што се сепса и церебрална парализа поради предвременото раѓање.



