Русија ги предупреди Шведска и Финска дека нивниот потенцијален влез во НАТО, кон кој и двете земји се поблиску од почетокот на руската инвазија на Украина, нема да придонесе за стабилноста на Европа.
Портпаролот на Владимир Путин, Дмитриј Песков, денеска им изјави на новинарите дека „НАТО останува сојуз фокусиран на конфронтација“, пишува BBC News.
Во исто време, американските одбранбени претставници изјавија дека руската инвазија на Украина е „огромна стратешка грешка“ која најверојатно ќе резултира со зголемување на членството во НАТО.
Американските власти очекуваат дека повеќе скандинавски земји би можеле да аплицираат за влез во НАТО, можеби дури и во јуни оваа година.
Се верува дека Вашингтон го поддржува таквиот потег, со кој НАТО ќе се зголеми на 32 земји-членки. Претставници на американскиот Стејт департмент минатата недела изјавија дека започнале разговори меѓу лидерите на НАТО и министрите за надворешни работи на Хелсинки и Стокхолм.
Пред да започне инвазијата на Украина, Русија побара НАТО да се согласи да го запре секое понатамошно проширување. Но, војната доведе до испраќање на повеќе војници на НАТО на источните граници на алијансата и драстично зголемување на поддршката за членство во НАТО од Шведска и Финска.
Границата на Финска со Русија е долга дури 1340 километри, а разбирливо е што во таа земја гласно одекна руската инвазија на Украина.
Но, Москва јасно стави до знаење дека се противи на какво било потенцијално проширување на НАТО. Песков рече дека „НАТО не е сојуз кој обезбедува мир и стабилност, а натамошното проширување нема да донесе дополнителна безбедност на европскиот континент“.
Песков минатата недела рече дека Русија ќе мора да ја „ребалансира ситуацијата“ со свои мерки во случај Шведска и Финска да влезат во НАТО.
Во февруари, портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, предупреди на „воени и политички последици“ во случај Шведска и Финска да влезат во НАТО.
И покрај руските закани, двете земји ги зголемија трошоците за одбрана и сугерираа дека сакаат да се приклучат на НАТО. Лидерите на финската армија денеска во Хелсинки соопштија дека планираат да потрошат дополнителни 14 милиони евра за набавка на беспилотни летала за воени потреби.
Шведските власти минатиот месец изјавија дека годинава ќе го зголемат воениот буџет за уште 317 милиони евра.

