„Треба да се направи се за ситуацијата да не излезе од контрола“, изјави францускиот претседател Емануел Макрон по повод квалификациите на американскиот претседател Џозеф Бајден дека рускиот претседател Владимир Путин е „касап“.
– Не би користел такви зборови. Продолжувам да разговарам со претседателот Путин. Сакаме без водење војна и ескалација да ја запреме војната што Русија ја започна во Украина. Затоа избравме да не реагираме воено. Мојата цел како претседател е да ги заштитам Французите од војната на наша почва. Решивме да ја санкционираме Русија, да им помогнеме на Украинците да издржат во отпорот, да примат бегалци и да постигнеме прекин на огнот и повлекување на трупите. Ако го сакаме тоа, мора да избегнеме ескалација и на зборови и на дело – изјави вчера Макрон.
Шефот на француската држава ја посочи географската положба на ЕУ, која е сосед на Русија:
– САД се наш сојузник во рамките на НАТО. Работиме со нив, тоа е добро, делиме многу заеднички вредности. Но, оние што живеат крај Русија се Европејци. Затоа веќе пет години велам дека ние Европејците мора да имаме одбранбена политика и дека треба само да го дефинираме просторот и архитектурата на безбедноста, а не да ја делегираме на други. Не смееме да заборавиме на нашата географија и историја. Ние не сме во војна со рускиот народ, рече Макрон.