Министерството за одбрана на својата официјална веб страница постави оглас за продажба на 11 армиски кучиња чија цена почнува од 60 евра.
Според министерството, огласот е објавен во согласност со воспоставената пракса за отуѓување на кучињата кои го надминуваат бројот на потребните кучиња зa потребите на Армијата и на другите институции.
„Потребата за продажба на овие кучиња е поради поголемиот прираст кој минатата година го имаше Центарот за обука и дресура на кучиња, кој е дел од Армијата на Република Северна Македонија и кој е задолжен за обезбедување на државните институции согласно нивните потреби“, пишуваат од таму.
Кучињата кои се огласени на продажба не се тренирани, а одлуката за нивна продажба е донесена врз основа на проценка на организационите единици задолжени за тоа.
„Министерство за одбрана има природен прираст на кучиња од сопствените легла. Кучињата кои се потребни за Армијата и другите државни органи се распределуваат низ единиците или на другите институции со одлука на Владата, додека бројот на кучиња кој ги надминува потребите се објавува за продажба со јавно наддавање“, се додава во соопштението.
Објавувањето на ваков оглас предизвика остри реакции кај дел од јавноста, каде сметаат дека наместо во хумана служба, кучињата ќе завршат кај сопственици кои ќе ги злоупотребуваат во борби.
„Во армијата и полицијата тие кучиња имаат статус на вработени службеници подеднакво ист како армијците или полицајците! Тие се партнери на заедничка задача, тие се на работа во армијата и полицијата како регуларни службеници! Со каква леснотија ги продавате овие чесни службеници? Сте размислиле ли каде ќе завршат овие добро истренирани кучиња – службеници?”, се дел од прашањата на социјалните мрежи.

