Две недели пред Зимските олимписки игри во Пекинг, градот е под строга блокада, а кинеските власти повторно воведуваат анален тест за ковид-19 наместо глобално прифатениот брис од нос или грло, што предизвика огромни контроверзии.
Првиот случај на омикрон е забележан во Пекинг на 15 јануари, по што следеа уште десет, што ги натера градските власти да воведат строга блокада. Пекинг њуз објави дека 27 станари во зградата во која живее жената со првиот случај на омикрон биле подложени на анален тест, за кој Кинезите веруваат дека е поефективен.
Аналниот тест се прави со вметнување на стапче долго пет сантиметри со стерилизирана памучна вата во ректумот, по што се ротира, се вади и се испраќа на анализа. Кинеските експерти уште во март минатата година се залагале за ваков инвазивен и непријатен начин на тестирање бидејќи тврдат дека трагите од Ковид може да се откријат подолго во примероците на столицата отколку во носот или грлото.

