Бугарскиот премиер Кирил Петков вторник доаѓа во официјална посета на Македонија.
Пред посетата, одговарајќи на новинарско прашање на бугарската телевизија БТВ, дали бугарската влада разговарала со амбасадатата на САД во однос на македонското малцинство во Бугарија рече дека никогаш тој или владата немаат разговарано со амбасадата на САД во Бугарија за признавање на т.н. македонско малцинство во земјата.
„Нема такво малцинство и за такво малцинство дури не може да се зборува“ вели Петков.
Тој го потврди инсистирањето и условувањето на бугарската страна, бугарското малцинство во Македонија да влезе во Уставот на земјата, додавајќи дека никогаш не навел точен рок за решение на спорот.
Во интервју за МИА, тој порачува дека е подготвен за нов почеток на преговори и дијалог кој ќе биде подинамичен, ќе ја врати довербата меѓу двете земји и ќе донесе резултати за максимално краток период. Телефонскиот разговор со Ковачевски – тој го оценува како конструктивен и се надева дека во вторник ќе се договорат околу формирањето на петте работни групи – за економија, култура, инфраструктура, евроинтеграција и историја.
„Не, не. Доаѓам со конструктивен тон и подготвеност да почнеме да работиме заедно. Немам подготвен документ или нешто, бидејќи сите тие документи немаат поента, ако не им дадеме вистинска мотивација дека мора да ја завршиме работата. Јас предлагам документите да ги оставиме како втор чекор, а прво да почнеме, за да има нешто за што ќе пишуваме во следниот документ. Инаку, опасноста е дека ние ќе напишеме документ и после што од тоа“ вели Петков.



