Пред само еден ден, уживаа во убавините на Истанбул. Последната фотографија на четиригодишните близнаци Луан и Албан Ахмети, нивните родители ја објавиле синоќа, пред да тргнат на кобниот пат. Смртта ги затекна во прегратките на мајка им, која безуспешно се обидувала да ги спаси од огнот и да излезе нив влезната врата од запалениот автобус. Луан и Албан се најмладите жртви во страотната сообраќајка, во која прерано згаснаа 45 млади животи.
Кусата оддишка од училишните обврски заврши кобно и за петмина ученици. Утрово молкна ѕвончето во основното училиште „Исмаил Ќемали“ во скопски Чаир. Сите од иста фамилија, загинаа во запалениот автобус.
А по факултетските ходници никогаш повеќе нема да чекори студентката Албена Белули. Во петокот во Истанбул ја славеше веридбата и дваесет и седмиот роденден на Газменд Укали од Кичево, вработен во кабинетот на кичевскиот градоначалник. Нивните роднини нема да дочекаат свадба.
Најголема загуба претрпе фамилијата Јахи од Скопје-Север. 10 члена не го преживеаја кобниот пат. „Ми изгоре цело семејство”, едвај прозборе нивни роднина.
Студеничани загуби четворица сожители. Мајката и учителка Фикрије Исени, ја однела својата ќерка Аниса на заедничко патување. Но, наместо незаборавни спомени, донесоа тага во семејството.
Меѓу жртвите се и 21-годишната Јехона Сали и 27 годишната Сумеја Брава. Роднините бараат одговори и за 54-годишниот Ибрахим Рустеми и неговата сопруга Февзије.
54 годишниот Мемеди Кадри е еден од возачите на автобусот. Но, не се знае дали во моментот на несреќата тој бил зад воланот или неговиот колега Љупчо Зафиров на нивната последна рута во која и двајцата загинаа.
Љуљзим Сулејмани од Прешево е единствениот српски државјанин кој бил во автобусот на смртта, но е меѓу седумте преживеани. Се претпоставува дека на сликата е неговата свршеница од Куманово, 25 годишната Медина Лутфи, која исто така се спасила. И двајцата се во болница во Софија и се во добра здравствена состојба. Преживеани се и 16 годишната Зулехја Јашаровска, 49 годишната Ѓила Јашаровска, 50 годишниот Минир Јашаровски, 49 годишниот Ебиб Пајазитовски и 46 годишниот Орхан Алити, државјанин на Белгија.

