Мислев да се појавам на седницата за гласање недоверба на Владата за да кажам од говорница дека не се согласувам и потоа да гласам против иницијативата, но ќе бев единствениот кој што не се согласува, а учествува во една еуфорија. Но, имав закани и вербални и по живот, затоа се засолнав, а заканите ги пријавив во полиција од каде добив и обезбедување, изјави пратеникот Кастриот Реџепи кој денеска за првпат јавно, преку прес-конференција објасни зошто исчезнал во четвртокот со што пропадна иницијативата на опозицијата за гласање недоверба на Владата.
Првото нешто што Реџепи го кажа пред новинарите е дека им честита на сите граѓани зашто уште еднаш, како што рече, се покажа дека земјата го избра вистинскиот западен пат со стратегиските партнери ЕУ и НАТО.
„Мирен сум и сигурен дека е најважно што земјата продолжи по патот насочен кон мир и стабилност, кон НАТО и кон интеграција во ЕУ. Јас сум сојузник на Македонците, Албанците и на сите други граѓани кои гледаат кон иднината, стратешки партнер сум на САД и на ЕУ и самовоно одлучно се засолнив на денот на гласање со цел земјата да не отиде во спротивен правец од моите идеолошки определби и задачата што ни ја дадоа граѓаните“, рече Реџепи.



