Фотографијата која ја објави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски на Фејсбук, а потоа и Таравари од Алијанса за Албанците, изненади многумина. Не поради формираното мнозинство, туку пред се поради составот на оние кои што седеа на таа маса. Претставници на ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса за Албанците, БЕСА и Алтернатива и секако Левица. Токму лидерот на оваа партија Димитар Апасиев е најчудната алка според многумина. Причината е едноставна. Во изминатиот период, Апасиев, па и неговата партија постојано критикуваат и јавно искажуваат дека се против НАТО, против Охридскиот договор, против двојазичноста.
Па, во моментов се поставува прашањето како е пронајден заеднички јазик со оваа партија, кога сите останати на масата, декларативно имаат спротивставени ставови со Левица во однос на националните прашања.
„Левица може само и вака да ја поддржува владата, тие не мора да учествуваат во владата, можеби тоа е излезното решение и на договорите од вечерва. Факт е дека некој од сегашното мнозинство веќе дацаат сигнали дека многу веројатно е дека можат да преминат на другата страна, посебно мислам на помалите партии кои што настапија самостојно на изборите. Во една таква ситуација Мицкоски би имал дури и комотно мнозинство и без гласовите на Левица. Доколку Албанците не можат да прифатат да седат во иста влада со Левица тој би можел да го премости тоа со некои други“, истакна Никола Дујовски.
„Претпоставувам дека албанските политички партии ги земале в предвид сите последици. Во мој поглед, како што јас ги гледам работите, Алијанса за Албанците веќе плати голема цена со предизборната коалција со ВМРО-ДПМНЕ. Коалиција со Левица е политичко самоубиство за секоја политичка партија“, посочи Сефер Селими.
Секако, останува да се види како ќе се развиваат работите, односно дали ВМРО-ДПМНЕ ќе формира Влада, или пак ќе бидат распишани предвремени парламентарни избори, нешто што постојано го бараа од оваа партија.


