Договор за рушење Влада – Апасиев и Гаши: Овој договор не значи коалиција

Според Христијан Мицкоски со самиот факт што седнал на маса со лидерите на Беса, Алијанса за Албанците, Алтернатива и Левица, формирано е ново парламентарно мнозинство, но другите партии на оваа соработка гледаат само како иницијатива за рушење на актуелната Влада. Африм Гаши од Алтернатива, рече дека фотографијата е направена само за да покажат дека успеале да ги соберат потписите и тоа е сѐ. Како што вели, Алтернатива нема да биде дел од Владата која се дистанцира од евроатлантските интеграции.

„Имаше иницијатива за собирање потписи за интерпелација на Влада. Ние како опозициска партија и коалиција нормално дека се потпишавме и ние што ги застапуваме тие партии седнавме заедно и се фотографиравме за да покажеме дека потписите се собрани. Ова сега за сега е единствената вест“, истакна Африм Гаши.

Лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села не се произнесе во однос на оваа ситуација, но генералниот секретар на партијата, Арбен Таравари, на Фејсбук напиша „Почеток на крајот на ДУИ-змот“. Првиот човек на Левица, Димитар Апасиев, на став дека овој договор во никој случај не значи коалицирање.

„Овој договор, во ниеден случај, не значи коалицирање, и е со единствена цел – да се урне хибридниот режим на ДУИ и СДСМ“, вели Димитар Апасиев.

Сѐ уште молк од Заев, кој поднесе оставка од функција, но од неговата партија преку соопштение порачаа дека „единственото заедничко на таа маса е желбата за власт“. Челникот на интегративците, пак, исто така на неговиот профил на Фејсбук, напиша дека новонастанатата ситуација со оставката на Заев ја менаџира преку комуникација со САД, НАТО и ЕУ.

„По актуелниот развој во контакт сме и координација со нашите стратешки партнери, САД, НАТО и Европската унија. Нема да дејствуваме ниту со емоции, ниту со еуфорија“, напиша Али Ахмети.

И Мендух Тачи, лидер на ДПА, кој е во коалиција со ДУИ, за „Слободен печат“ го коментираше фактот – како потегот на здружувањето на Беса и Алијанса за Албанците-Алтернатива ќе се одрази кај албанскиот електорат.

„Ова е уште еден голем театар на тие што реално немаат моќ да ги предводат политичките процеси во државава. Вчерашните актери што ги видовме на фотографијата со Мицкоски само му ги местат коцките на Заев. Можеби несвесно, но му прават платформа за неговиот камбек. Следната Влада ќе биде на чело со Заев“, посочи Мендух Тачи.

В понеделник се очекува да се види како ќе одвијат настаните. Ако Заев не поднесе оставка, опозицијата ќе излезе со иницијатива за интерпелација.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*
*