Победничка атмосфера пред седиштето на ВМРО-ДПМНЕ вечерва, на околу три часа по затворањето на гласачките места. Исто како и на дел од претходните изборни циклуси, така и овојпат, партијата со зурли и тапани прогласи победа во над 90 проценти од општините.
Како што информираа партиски извори, кандидатката Данела Арсовска води пред кандидатот на СДСМ, Петре Шилегов, но официјална изјава за медиумите од неа ќе следува дури по соопштувањето на официјалните резултати од Државната изборна комисија.
ВМРО-ДПМНЕ веќе прогласи победа и на кандидатот во Штип, Иван Јорданов со неофицијално освоени 6996 гласови наспроти актуелниот градоначалник и кандидат за нов мандат од редовите на СДСМ, Сашко Николов кој според опозицијата, вечерва освоил 4550 гласови.
Партиските извори брифираат дека меѓу општините во кои кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ освоиле победа уште во првиот круг се Кратово, Прилеп, Кавадарци, Свети Николе, Ѓорче Петров, Велес и Кочани.
Партиските членови и симпатизери слават на големо во центарот на Скопје, додека нивниот лидер Христијан Мицкоски се очекува да се обрати на прес конференција во 23 часот.



