Граѓаните оставиле најмалку 25 милиони евра во приватните лаборатории само за ПЦР-тестови

Доколку добиете симптоми на Ковид-19, а матичниот лекар се обиде да ви најде термин за да се тестирате на државна сметка, невозможно ќе биде тоа да се направи истиот ден, а мала е веројатноста тоа да се направи и наредниот. Во пикот на корона-кризата матичните лекари речиси и воопшто не се обидуваа да најдат термини за тестирање на државна сметка знаејќи дека тоа претставува невозможна мисија, а редиците пред приватните лаборатории се полнеа. Дури и сега, кога стивна и четвртиот бран, граѓаните сѐ уште се жалат дека термини за тестирање нема.

„Вчера се јавив кај матичната, не ме примаат на преглед со симптоми, треба тест. Побарав да ми закажат, нема термин. Синоќа правев брз тест, беше негативен. Денес, си отидов приватно за ПЦР. Едноставно, морав ова да го направам и поради себе, а уште повеќе поради другите што се потенцијално загрозени“, пишува жителка на Скопје во групата за ковид-искуства и совети.

Преку системот „Мој термин“, ако се обидете да најдете слободен термин за тестирање на некои од пунктовите во центрите за јавно здравје, ќе забележите дека во некои градови во државата ќе треба да почекате и четири дена, време во кое симптомите на Ковид-19 може да се развијат.

Во Битола, Велес, Тетово, Струмица – термини има, но ако сакате да се тестирате во центрите за јавно здравје во Прилеп, Охрид, Гевгелија, Штип, Кочани, ќе треба да почекате 2 дена, во Кавадарци и Свети Николе – три дена, а во Куманово и на пунктовите во Чаир и Јане Сандански и четири дена.

повеќе на samoprasaj.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*
*