Доколку се решите да ја посетите Северна Кореја, не се изненадувајте ако некој на улица го препознае и разбере македонскиот јазик. За тоа како се живее во оваа земја директни информации можете да добиете во разговор со некој од 14-те македонски државјани кои престојуваат во Северна Кореја.
Барем така велат податоците од вчера завршениот попис, според кој, преку интернет апликацијата во дијаспората се самопопишани вкупно 204 илјади 805 македонски државјани.
А не има речиси секаде на земјината топка. Од егзотичните дестининации како Малдивите, па се до непристапните како Антарктикот. Иако можеби не сте чуле за Волис и Футуна, Бонер, Сент Еустатитиус и Саба, добро запознаени со овие територии се 4 македонски државјани, а на традиционално македонско јадење можеби ќе налетате на островот Ман во ирското море, каде што живее еден наш сограѓанин.
Има и такви кои Македонија ја замениле со Бахами, Јамајка, Костарика, Маврициус. Пописот покажа дека македонски државјани има и во речиси секоја земја на африканскиот континент. Најмногу во Мали – 43, во Египет – 23, во Гана – 16, а во Судан – 15, шесторица се во Танзанија, а останатите се во помал број во Африка.
Од традиционално иселеничките дестиниции – девет илјади 120 македонски граѓани се наоѓаат во САД, три илјади 171 во Австралија, илјада 184 во Канада и 196 во Нов Зеланд.
Од европските земји, очекувано најмногу иселеници имаме во Швајцарија 65 илјади 64. Следува Германија со 46 илјади 590, па Италија со 28 илјади 476. По неколку илјади има во Белгија, Данска, Шведска, Франција, Норвешка и во Велика Британија.
Сите овие граѓани во изминатиов месец имаа можност да се попишат електронски од местото каде што се иселени.
Пописот официјално заврши вчера. Траеше 26 дена, почнувајќи од 5 септември. Во земјава евидентирани се вкупно милион 832 илјади 696 лица, а резултатите се очекува да бидат објавени до крајот на март следната година.


