ПАРТИИТЕ НА МИТИНЗИ НЕ БАРААТ СЕРТИФИКАТ ЗА ВАКЦИНАЦИЈА, А ВО ПРОТОКОЛИТЕ СТОИ ДЕКА Е ЗАДОЛЖИТЕЛЕН ЗА НАСТАНИ НА ОТВОРЕНО

Политичките партии завчера и официјално ја почнаа изборната кампања за претстојните локални со митинзи, но без да се почитуваат ковид протоколите. Ниту една од политичките партии на присутните граѓани на митинзите не им бара сертификат за вакцинација иако станува збор за организирани настани со голем број лица на еден простор.

Според последните мерки за заштита од коронавирусот, донесени од Владата на 24 август, сертификат за вакциниција или за прележан ковид-19 е задолжителен за секаков вид на настан на отворен простор. Најголемите партии, и оние од власта, и опозициските не ги почитуваат владните мерки.

Владејачката СДСМ кампањата ја отвори во понеделникот со митинзи на отворено во Битола и во Куманово, а вчера имаа во Скопје во Кисела Вода и во паркот Ибни Пајко каде беше промовирана кандидатурата за втор мандат на скопскиот градоначалникот Петре Шилегов. ВМРО-ДПМНЕ ја почна кампањата од Античкиот театар во Охрид, а вчера митинзи имаа во Струга и Ресен. Владејачката ДУИ изборите ги почна со митинг во Гостивар, а Алијансата за Албанците и Алтернатива во Скопје на Плоштадот Скендер бег.

Екипи на САКАМДАКАЖАМ.МК беа на митинзите на политичките партии и забележаа дека на ниту еден од нив немаше лица кои на присутните им бараат задолжително да покажат сертификат за вакцинација или за прележан ковид-19. Ретко кој од кандидатите за градоначалници, советници и присутни министри или граѓани носеа маски, иако меѓусебно срдечно се поздравуваа и прегрнуваа.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*
*