Црвенковски: „Вака понатаму не може, овој балон ќе пукне“

Поранешниот претседател Бранко Црвенковски денеска повика на создавање на национална платформа за широк општествен консензус додека не се решат сите стратешки цели на државата. На свечениот собир на МАНУ за јубилејот од формирањето на современата македонска држава, тој ја повика Академијата, Универзитетот Кирил и Методиј, Стопанската комора и претседателот Стево Пендаровски  да покренат таква иницијатива, да ги подготват документите и да им ги понудат на партиите.

„Откако ќе се потпишат, тие ќе се обврзат на нивно исполнување и почитување, вели Црвенковски, кој не е сигурен дали и колку од партиите ќе ја прифатат ваквата идеја.

Црвенковски упати низа критики за актуелната политичка состојба во земјава, којашто оцени дека е длабоко поделена и конфронтирана. Тој укажа дека владее конфликт меѓу партиите, кои се замразени, неспособни да седнат на заедничка маса, што го отежнува напредокот на државата. Според него, Македонија е земја во којашто се живее на кредити, а има изрека која вели „којшто живее на кредити, умира на рати“. 

Според него, постојано се повторува една мантра дека друга алтернатива освен членство во Европската Унија. Тој запраша што во случај Европската Унија да одлучи да нема повеќе проширување, без разлика дали ние сме ги исполниле сите услови. „Дали тогаш ќе се самораспуштиме или самоукинеме?, праша Црвенковски. 

Во однос на економската состојба во државата тој укажа дека состојбите се полоши од пред 10 или 20 години. Раст, според него може да се лоцира само во буџетот, кој секоја година расте, како и во бројката на вработени во администрацијата. Правејќи споредба, тој рече дека од 173.469 вработени во администрацијата, сега бројката достигна до 197.530 лица, што значи 24 илјади нови вработени во јавниот сектор во последните неколку години. 

„Вака понатаму не може, овој балон ќе пукне“, вели Црвенковски

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*
*