Тирана упати повик до Србија: Повлечете ги оружените сили, предизвикувате немири и го дестабилизирате Косово

Министерството за европски и надворешни работи на Албанија ја повика Србија да ги повлече своите сили распоредени на југот на Србија, во близина на Косово.

Во соопштението на албанското министерство се наведува дека Албанија особено ја загрижуваат извештаите за српските воени сили упатени, како што се истакнува, „во близина на границата со Косово“ и воените авиони кои летаат блиску и над „воздушниот простор на Косово и предизвикуваат тензии“.

Тие тензии, наведува албанското министерство, поттикнуваат поединци да предизвикуваат немири и насилство и имаат цел да го дестабилизираат Косово.

Таквите постапки, тврди албанското министерство, е во спротивност со меѓународните договори чија цел е осигурување безбедност и стабилност во тој дел од регионот.

„Министерството ја повикува Србија да ги повлече своите оружени сили распоредени во близина на границата на Косово и да работи на итна деескалација“, се наведува во соопштението.

Во соопштението се додава и дека Тирана е загрижена поради ескалацијата на ситуацијата на северот на Косово и најостро се осудуваат вандалските дела извршени на северот на Косово каде „поединци запалија канцеларија за регистрација на возила во Зубин Поток и оштетија слична канцеларија во Звечан“.

Ништо не може да ја оправда употребата на насилство, нанесувањето штета на јавниот имот и непочитувањето на владеењето на правото, оценува албанското министерство, повикувајќи извршителите да се изведат пред лицето на правдата.

Се повикува сите актери да бидат воздржани и веднаш да се вратат на дијалогот како единствен начин во билатералните и мултилатералните обиди да се решат нерешените прашања во „духот на соработката на кој Албанија е неповратно посветена“.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*
*