Жена разбојник од Скопје била и медицинска сестра и попишувач, а крадела каде ќе стигне

Скопјанка вршела кражби од жени, а се претставувала лажно и како попишувач и како медицинска сестра и како пациент и како роднина.

35-годишна жена од Скопје е осомничена за 6 тешки кражби во кои украла 28 илјади денари и две кредитни картички во период од 18 дена, соопшти обвинителството. Таа е уапсена и и се бара притвор поради можност од бегство.

Жената-разбојник ги искористила и короната и пописот за да ги измами ограбените жртви, а дири била пуштана и во нивните домови.

Обвинителството соопшти дека поведе постапка против 35-годишна осомничена за шест кривични дела – Тешка кражба од член 236 став 1 точка 3 од Кривичниот законик и го објави списокот на кражби.

Осомничената, на 3 септември, на автобуска постојка кај пазарот во населбата Ченто, се доближила до една оштетена и по краток разговор со неа искористила момент на невнимание и и ја одзела торбата во која имало паричник со картичка и пари, како и еден дуксер, во вкупна вредност од 6.000 денари.

На 8 септември, пријавената дошла во куќа на улица „Кавадарска“ во Скопје, на сопственикот му се претставила како медицинска сестра која дошла да го прегледа и да му стави облоги на нозете. Додека тој се подготвувал за преглед, таа од домот украла паричник со 16.000 денари.

На 9 и 10 септември, пак, влегла во два дома, претставувајќи се како попишувач од пописна комисија. На сопствениците им барала сертификат за вакцинација и додека тие го барале сертификатот, им ги одзела паричниците во кои имало банкарски картички.

Во куќата на друга оштетена, на 14 септември, осомничената се претставила како внука на сосетката, па искористувајќи момент кога сопственичката на кратко ја напуштила просторијата, одзела паричник со околу 3.000 денари.

На 21 септември осомничената се доближила до една оштетена пред аптека во Сингелиќ, ја замолила да и даде пари за лекови, па и го грабнала паричникот, стекнувајќи се со противправна имотна корист од 3.000 денари.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*
*