Шефот на дипломатијата на Грција, Никос Дендиас, кон крајот на месецот доаѓа во посета на Македонија, при што ќе се направи евалуација на спроведувањето на обврските од Преспанскиот договор, а ќе се разговара и за поддршката на Атина за нашата евроинтеграција, најави денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи.
– Сметам дека е важна посета, повратна после мојата во Атина и зборува за интензитетот на комуникацијата на високо ниво што е одраз на добрите билатерални односи меѓу нашите држави коишто се и повеќе од само имплементирање на Преспански договор, бидејќи Преспанскиот договор предвиде создавање на стратешко партнерство меѓу нашите две држави и ние тоа во континуитет го градиме и го подобруваме и во политичкиот и во економскиот контекст, рече Османи на новинарско прашање на заедничката прес-конференција во МНР со министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Посочи дека во МНР е формирана работна група за следење на имплементацијата на Преспанскиот договор вклучувајќи и координатор и тековно се следат на неделна основа нашите обврски.


