Швајцарскиот научник Саи Реди предупредил на опасноста од настанување на нов “супер сој” на коронавирусот, кој би можел да му зададе огромна грижа на светот во наредните шест месеци.
Тој, во интервју за швајцарскиот дневник “Блик” рекол дека е неизбежно мутирање на делта сојот.
“Тоа е нова фаза на пандемијата кога бета или гама стануваат поинфективни или се развиваат мутации од делта сојот. Тоа ќе биде голем проблем следната година”, рекол Реди.
Според неговите зборови, “Ковид-22” би можел да биде уште полош од се што светот досега видел во борбата со коронавирусот.
Реди смета дека науката и политиката веќе сега мора да се подготват за такво сценарио.
“Ако настане таков сој, мораме што е можно побрзо тоа да го препознаеме и произведувачите на вакцини мора да се прилагодат на тоа”, порачал Реди.
Тој смета дека претстојат тешки шест месеци и дека наредната зима и есен ќе бидат како и минатата година.



