Околу стотина македонски државјани се собрани на аеродромот во Кабул кој од утрово е под контрола на американските сили.
-Уште се чека. Безбедни сме, кратко ни одговори во ФБ комуникација помлад македонски државјанин кој работел како припадник на обезбедување во американска контракторска фирма. Претходно на неколку наши повици не одговори затоа што како што ни кажа не може да зборува бидејќи постојано се зафатени, а состојбата постојано бара од нив да бидат подготвени и на „штрек“.
Рано утрово по авганистанско време, македонците кои биле сместени во базата на аеродромот во Кабул биле повикани за евакуација и стигнале до терминалите во главнта аеродромска зграда. Но, поради стопирањето на сите комерцијални летови, тие се уште чекаат во близина на терминалите.
-Во зависност од пристапот до интернет на терминалот постојано контактирам со сопругот кој е заглавен на аеродромот. Пред нивни очи се одигрува целиот тој метеж и паника на аеродромот преку кој многу луѓе сакаат да бегаат надвор од Авганистан. Во неизвесност се и чекаат ослободување на место во авионски лет за да ја напуштат државата, ни изјави сопруга на вработен во обезбедување на аеродромот.
Македонците, главно, работеле на обезбедување на аеродромот и на воените бази кои изминатите неколку недели беа затварани по одлуката за повлекување на американската армија и армиите од НАТО. Сите биле сместени во базата на аеродромот.
Во Авганистан има околу 100-тина македонски државјани, а МНР Османи разговараше со турскиот колега Чавушоглу за безбеден трансфер преку Турција. Можни сценарија за евакуација се и летови кон Доха во Катар или преку Кувајт. Од МНР утрови има кратко соопштение во кое се бара од страните во Авганистан- заштита на човечките животи, а нема нови информации за состојбата и планот за македонските државјани, освен дека се преземаат чекори за нивна заштита.
Во продолжение соопштението на МНР:
Имајќи ја предвид сериозно влошената безбедносна ситуација во Исламската Република Авганистан, Министерството за надворешни работи во соработка со стратешкиот партнер САД, како и останатите НАТО сојузници:
– ги повикува сите страни во Авганистан, да го почитуваат и овозможат безбедното напуштање на земјата од страна на заинтересираните странски државјани кои во моментов се наоѓаат таму, како и на жителите на Авганистан кои сакаат да ја напуштат земјата.
– Оние субјекти и организации кои се позиција на сила и власт во земјата треба да ја носат и одговорноста за заштита на човечките животи, како и за итно возобновување на безбедноста и стабилноста на земјата.
Министерството за надворешни работи продолжува внимателно да ја следи состојбата во Авганистан и да презема чекори во насока на заштита на државјаните на Република Македонија кои се наоѓаат на територијата на земјата.
Министерот за здравство пак посочи дека кога ќе стигнат македонски државјани од Авганистан ќе треба да бидат во 14-дневен карантин.
-За нив ќе биде задолжителен 14 дена карантин, а ќе биде предложено тие да се вакцинираат. Мал број луѓе се тоа но, без разлика, тоа се препораките- посочи Филипче по состанокот на комисијата за здравствени болести.


