По вчерашната средба со вицепремиерот Битиќи, угостителите очекуваат летово да работат со полна пареа, рестрикциите да се олабават, а од следниот месец по посебни протоколи да се отворат и рестораните за свадби.
„Во однос на рестриктивните мерки за наредниот период имаме најава дека до крајот на овој месец ќе има позитивна промена, односно олабавување на протоколите за заштита од ширење на вирусот. За нас е најважно да имаме безбедни услови за работа и самостојно без финансиска поддршка да може да продолжиме понатаму. Се надеваме дека такви услови ќе се создаваат во наредниот период со оглед на тоа дека бројките на новозаболени се намалуваат… “ велат од ССК.
На средбата со Битиќи меѓудругото побарале и дополнителни финансиски средства со образложение дека новиот пакет не им е од голема помош.
Вицепремиерот Битиќи изрази надеж дека мерките по 15ти мај ќе се олабавуваат и ќе се отвори можност и за организирање на поголеми прослави по посебни протоколи. Меѓудругото најави дека за месецов се разгледува можност и за нов пакет помош.
„Вчера зборувавме за евентуално прилагодување дополнително на протоколите за работа на оваа категорија на угостители. Со тоа што како ќе ги олабавуваме, знаете дека мерката последна е до 15ти мај важат овие правила, од 15ти мај ќе се ревидира таа и со оглед на препораки од здравствената комисија соодветно ќе постапиме. Јас се надевам дека здравствена криза полека ќе спласне дека притисокот кај здравствените работници ќе спласне, и тогаш ќе можеме да збориме дали полека ќе можеме да се вратиме во нормала, но сега очи ни се вперени во Комисија по нив носиме мерки.“ изјави Фатмир Битиќи, вицепремиер за економски прашања
Протестите на угостителите се ставени во мирување. Поради пандемијата секторот неколкупати и целосно се затвораше. Кафулињата и рестораните сега работат по посебни протоколи, од денеска со работно време до 22 и 30 часот. Прослави не се организираат веќе втора година.




