Туристичко-угостителската комора при Сојузот на стопански комори на Македонија до Владата поднесе барање за организирање на итна средба за донесување на протоколи за работа на економски оператори чија приоритетна дејност преставува послужување на храна и пијалаци на организирани настани и организација на настани како што се свадби, родендени, крштевки, игротеки и ноќни клубови.
Како што се вели во дописот, досега Владата со неколку одлуки овозможи функционирање на речиси сите економски оператори од угостителската дејност, освен на гореспоменатите.
„Согласно претходно наведеното, произлегува дека само на нас горенаведените видови на угостителски објекти повеќе од 130 дена ни е забрането работењето, односно немаме ниту протоколи, ниту дозвола за било какво функционирање и вршење на нашата примарна дејност. Ваквата забрана дополнета со селективниот пристап на инспекциските служби и овозможувањето на определени угостителски објекти на еден незаконит и здравствено небезбеден начин да организираат настани во форма на забави, свадби, веселби и коктели придонесува за целосно загрозување на нашата ликвидност и егзистенција, а со самото тоа и можноста да ги задржиме нашите вработени, да ги сервисираме нашите обврски спрема нашите коминтенти и деловни соработници, како и егзистенцијата на нашите семејства”, се вели во дописот испратен до Владата.
ТУК од Владата бара организирање на средба во рок од 5 дена од приемот на известувањето како и утврдување на протоколи како и динамика на деловната активност преку јасно утврдени рокови и датуми за отворање на угостителските и јасно дефиниран број на гости кој можат да го сместуваат. Доколку се утврди дека нема можности се врши дејност, ТУК бара да се донесе посебен економски пакет на мерки за угостителски објекти кои воопшто не ја вршат дејноста.
„Доколку не бидат прифатени претходно наведените барања, Ве известуваме дека по истекот на претходно наведените рокови, ќе излеземе на мирен протест пред Владата согласно постоечките протоколи, кој ќе се одвива секој ден се додека не бидат прифатени нашите барања кои се реални и остварливи”, се вели во дописот од ТУК.


