АВСТРАЛИЈАНЕЦ СО МАКЕДОНСКО ПОТЕКЛО СТАНА АМБАСАДОР НА ЏЕЈМИ ОЛИВЕР ЗА АВСТРАЛИЈА

Џорџ, или како што го викаат неговите Македонци, Гоце Геoргиевски, е роден во Австралија, каде што неговите родители дошле во далечната 1968 година. За него, како впрочем и целиот свет,  дознавме преку неговиот блог Schoollunch box, како и преку неговите профили на Инстаграм и Фејсбук кадешто сега има повеќе од 100 илјади следбеници од целиот свет..

Неодамна тој потпиша договор и официјално стана амбасадор на Џејми Оливер, во Австралија и Нов Зеланд.

Тоа значи дека ќе го претставува секаде кадешто ќе ги подготвува неговите нови рецепти и ќе ја шири неговата филозофија која е и негова и со која и го привлече неговото внимание, а тоа е, похранлива, поздрава и повкусна исхрана за децата ширум светот, во нивните домови и во училиштата.

Џорџ е познат и како „Lunchbox dad“ и е вистински експерт за креирање на возбудливи, нутритивни и убави на око оброци за неговите две ќерки, или како што тој ги вика „чупиња“, секое утро.
Семејството Георгиевски: Марина, Џорџ, неговата мајка Елица, сестрата Сузи и „чупињата“ Анела и Киара.

„Јас сум само обичен татко и почнав да подготвувам здрави и интересни оброци со многу љубов за своите чупиња, но спонтано и непланирано тоа толку многу се прошири и јас и мојот блог станавме популарни ширум Австралија, Нов Зеланд, а потоа и во Европа, почнаа да ме викаат по училиштата, кадешто правам презентации и ги обучувам родителите како да им подготвуваат здрави оброци на своите деца. И не сакајќи, само поради мојата татковска љубов и посветеност, станав познат, па мојот распоред стана толку пренатрупан што морав да го затворам мојот бизнис и да се посветам само на готвењето и на мојата мисија, сите деца ширум светот да добијат поздрави, похранливи и поубави оброци. Веќе две години се расправам со овдешната влада за да се сменат оброците за децата во училиштата и можам да кажам дека дури сега почнаа да ме слушаат и да ги имплементираат моите барања и настојувања. Поради ова го добив и вниманието на Џејми Оливер чии луѓе ми се јавија, па ете сега е најново тоа што потпишавме договор да бидам негов претставник-амбасадор за Австралија. Во меѓувреме се стекнав со 100 илјади следбеници, но по малку ми е страв затоа што забележувам дека меѓу нив има многу малку мажи, поточно, дури 95 отсто од нив се жени“, се смее нашиот соговорник, пренесува Artkujna.

Следната недела тој оди во Нов Зеланд, а потоа и во Италија и Франција, а веќе на 1 јули излегува од печат и неговата прва книга со рецепти која ќе може да се набави од било кое место на светот преку Амазон, со оглед на тоа што издавач е MACMILLAN, една од најпознатите издавачки куќи во Велика Британија.

„За неколку месеци ќе се сретнам и со Џејми Оливер па ќе готвиме заедно, а јас едвај чекам да го запознаам со македонската кујна и да го научам да прави тавче-гравче. Тој многу ја сака италијанската кујна и е многу често во Италија, но сѐ уште не ја запознал македонската култура. Мој сон е еден ден заедно да дојдеме и во Македонија“,

признава Џорџ.

Во меѓувреме, тој е постојано во медиумите, во весниците, на ТВ, на социјалните мрежи, а неговата слава сѐ повеќе расте.
Сопругата на Џорџ, Марина Георгиевски, е светски шампион во фитнес.

Семејството се радува на неговите успеси и сите заедно уживаат во тоа што им се случува. Иако, како што вели и неговата сопруга Марина, која е исто така родена во Австралија, но е по потекло од Охрид, е позната во една друга област, односно, таа е светски шампион во фитнес.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*
*