
Популарниот македонски пејач Спасен Силјановски најавува темелно „чешлање“ во работењето на Здружението за заштита на авторски музички права – ЗАМП, кое според него ќе открие сериозни злоупотреби и криминални договори меѓу дел од музички уредници и анонимни автори.
ЗАМП е организација задолжена за наплатата и распределбата на авторските права од музички дела што се изведуваат во јавноста. Но, и претходно во медиумите автори алармираа за сомнежи околу транспарентноста и фер распределбата на средствата.
Силјановски тврди дека софтверот што требало да овозможи чесна распределба на хонорарите со години не функционира, а парите завршуваат кај „узурпатори“ блиски до уредници на национални медиуми.
„Наскоро ревизија во ЗАМП. Ќе има добро ‘чешлање’. Службените органи конечно ќе прочешлаат како се делат и како се делеле парите на македонските автори во изминативе 10 години. Кога е набавен софтверот и зошто не е ставен во функција? Криминални договори помеѓу музички уредници и анонимни автори за штампање на тантиеми… Полека, но клопчето мора да се отплетка. Ќе се запре крадењето на македонските автори, а тантиемите мора да одат кај вистинските автори, а не кај одредена група во ЗАМП“, пишува Силјановски.
Со оглед на тоа што сите угостителски објекти каде се изведува музика, како и сите медиуми, редовно плаќаат надоместок кон ЗАМП, станува збор за милионски суми. Дел од авторите тврдат дека тие средства не завршуваат кај најизведуваните македонски музичари, туку кај поединци со привилегиран пристап.
Leave a Reply