Ресенчани со апел: Спас за Преспанското Езеро – ќе дозволиме ли ова природно богатство да исчезне?

Преспанското Езеро, едно од најголемите природни богатства на Македонија, со години се соочува со сериозен проблем – драматично намалување на нивото на водата. Локалното население од Ресен, заедно со бројни љубители на природата, спортисти и јавни личности, испраќаат апел за помош и бараат реакција од надлежните институции.

Според жителите, ова е петта година по ред како езерото забележливо се повлекува. „Секоја година гледаме како водата исчезнува, а никој не дава јасен одговор – дали е природна појава, дали водата се излева некаде или пак се случува нешто друго. Ако не може да се спаси, барем да имаме објаснување од експертите,“ велат загрижени Ресенчани.

Овој проблем не е важен само за Ресен. Преспанското Езеро е симбол на Македонија, дом на уникатен екосистем, туристички адут и дел од нашата историја и култура. „Дали ќе дозволиме да исчезне едно од најубавите природни чуда во државата? Секој може да придонесе – со споделување на овој апел, со јавна поддршка, со барање одговори од надлежните,“ стои во апелот.

Граѓаните се надеваат дека гласот ќе стигне до институциите, до експертите и до сите кои имаат моќ да преземат конкретни мерки. „Можеби ќе се случи чудо, но чудата се случуваат кога луѓето реагираат на време,“ порачуваат тие.

Преспанското Езеро не смее да стане само спомен на старите фотографии. Време е за акција.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*