Една од главните причини за дебаклот што го доживеа СДСМ на локалните избори е арогантното однесување на функционерите во изминатиот период, а голема улога игра и раздорот во самата партија, коментираат политичките аналитичари со коишто разговараше Плусинфо.
Разликата од 55.000 гласови на локалните избори во корист на опозициската ВМРО-ДПМНЕ ја тресе стабилноста на актуелното парламентарно мнозинство, а од партијата на Христијан Мицкоски гордо најавуваат дека во идниот период активно ќе водат разговори со помалите политички партии кои се дел од владејачката коалиција со цел промена на власта.
Окрупнување на опозицијата најави и Левица, која на овие локални избори забележа резултат кој е за 15 пати подобар од минатите локални избори и дури четири пати подобар од парламентарните избори, освојувајќи советници во 30 општини.
Но, така не мисли лидерот на СДСМ, Зоран Заев. Тој му порача на Мицкоски да не се надева, затоа што парламентарното мнозинство се окрупнува и ќе биде уште постабилно по вториот круг на локалните избори.
Сличен став дели и министерот за надворешни работи Бујар Османи, кој тврди дека парламентарното мнозинство е стабилно и дека нема да има нови предвремени парламентарни избори и потреси.
Според аналитичарите со коишто разговараше Плусинфо, резултатите од локалните избори се очекувани со оглед на арогантноста што ја покажала владејачката партија во изминатите четири години, а како што посочуваат, најдобро за дебаклот говори анализата на освоените гласови на локалните избори во 2017 година, а на која е прикажано дека гласачкото тело на СДСМ овојпат е преполовено во скоро секоја скопска општина.

