23 февруари 2020 година, Битола, Македонија – Во организација на Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија – МАКЕДОН, денес во Битола се одржа Семакедонска регионална конференција со единствената македонска партија во Албанија – Македонска алијанса за европска интеграција.
На конференцијата присуствуваше пратеникот во Собранието на Македонија Трајчо Димков и пратеникот во Собранието на Албанија Васил Стерјовски, истовремено претседател на Македонска алијанса за европска интеграција.

Присутните ги поздрави претседателот на Светскиот Македонски Конгрес, Тодор Петров и почесниот претседател на Здружението на Макединците од Еејскиот дел на Македонија во Битола Александар Поповски, како и пратеникот во Собранието на Македонија, Трајчо Димков.
Учесниците на Семакедонската регионална конференција постигнаа договор за семакедонско помирување и обединување и упатија повик до Македонците во Република Македонија, во сите делови на Македонија и до Македонците во светот, за одбрана на името на државата и идентитетот на Македонскиот народ.
Семакедонската регионална конференција изрази загриженост за ретроградните антимакедонски процеси во Република Македонија и повика на семакедонско единство и отпор против обидите за асимилација и денационализација на Македонците во Македонија, Албанија, Бугарија, Грција, Косово и Србија.
– Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија – МАКЕДОН годинава ќе организира повеќе семакедонски регионални конференции со Македонците во соседните земји на Република Македонија. Со Светскиот Македонски Конгрес во август планираме меморандум за семакедонска соработка, координација и размена на искуства и информации. Независно од личните недоразбирања и суети, искушенијата пред кои се исправени Македонија и Македонците не може да не остават рамнодушни. Мора да се обединиме заради одбрана на Македонија и генерациите Македонци, – изјави претседателот на Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија – МАКЕДОН, Александар Јаневски, истовремено претседател на Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија во Битола и потпретседател на Светскиот Македонски Конгрес.
– Македонската партија во Албанија прави се’ за унапредување на положбата и правата на Македонците во Република Албанија. Се подготвуваме за престојниот попис на населението во Албанија во месец октомври годинава. Соочени сме со агресивна антимакедонска кампања на Софија во обид за асимилација и денационализација на Македонците во Албанија. Пружаме отпор на валканите игри на Бугарија, но апелираме на помош од Македонците во светот и од Владата на Република Македонија, бидејќи сме неотуѓив и нераскинлив дел од Македонскиот народ, – рече Васил Стерјовски претседател на Македонската партија во Албанија и пратеник во Сибеанието на Република Албанија, истовремено потпретседател на Светскиот Македонски Конгрес.
– И по 107 години од Балканските војни 1912-1913 година, во 21. век, Македонците се жртви на окупација и геноцид на балканските метрополи заради конечно затворање на македонското прашање. И покрај се’ и после се’, предлагаме историско помирување на Македонскиот народ со соседните народи и договори за траен мир и добрососедство меѓу државата Македонија и соседните држави, но врз основниот принцип на меѓународното право на еднаква сувереност, што подразбира: взаемно почитување и разбирање, соработка со сите по сите прашања од заеднички интерес, немешање во внатрешните работи и реципроцитет во меѓусебните односи. Македонците и Албанците ќе бидат еднакви со еднаквите и рамноправни со рамноправните само врз реципроцитетни односи меѓу Македонија и Албанија – што за Албанците во Македонија, тоа за Македонците во Албанија. Ја отфрламе антимакедонската агресија на Софија и повикуваме на македонско-бугарско помирување независно од разликите во читањето на историјата од аспект на актуелната геополитика, дури и независно од разликите меѓу современите литературни јазици како производ на современите политички нации. Во таа смисла и денешната семакедонска регионална конференција во Битола, – изјави претседателот на Светскиот Македонски Конгрес, Тодор Петров, истовремено генерален секретар на Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија – МАКЕДОН.
Семакедонската регионална конференција заклучи продлабочување на Семакедонската соработка и координација и утврди календар на датуми настани и личности за заедничко одбележување и чествување, и план за заеднички активности пред домицилните власти и меѓународните организации!


