Македонската дијаспора повторно покажа дека каде и да живее, го носи со себе духот на татковината, трудољубивоста и чувството за заедништво. На локалните избори во општина Ешален во Швајцарија, значаен успех постигнаа дури петмина Македонци со потекло од струмичкиот регион, кои беа избрани за членови на општинскиот совет.
Станува збор за Драги Митров, Тони Стојанов, Слаџана Пасков, Дејан Златков и Ване Јевтимов, кои со својата работа, посветеност и доверба од граѓаните успеаја да обезбедат место во локалната власт на оваа швајцарска општина.
Овој успех претставува голема чест не само за Македонците во Швајцарија, туку и за целиот струмички регион, кој со години е познат по својата активна и силна дијаспора. Изборот на петмина советници со македонско потекло е доказ дека нашите иселеници се интегрирани, почитувани и активни во општествениот и политичкиот живот на земјите каде што живеат.
Македонската заедница во Ешален со гордост го сподели овој успех, истакнувајќи дека довербата што граѓаните им ја дале на кандидатите е резултат на нивната долгогодишна работа, чесност и ангажман во локалната заедница. Истовремено, овој резултат се смета за историски момент за македонската заедница во оваа општина.
„Нашите луѓе секаде оставаат трага. Со труд, знаење и почит кон заедницата, тие покажуваат дека Македонија има чесни и вредни претставници низ целиот свет“, велат претставници на заедницата.
Во објавата се упатува и искрена благодарност до сите граѓани кои излегле на гласање и ја поддржале демократската постапка на изборите, како и до сите што ја препознале работата и визијата на македонските кандидати.
Овој успех уште еднаш потврдува дека македонската дијаспора е силен мост меѓу Македонија и Европа – мост изграден врз труд, чесност и љубов кон татковината. 🇲🇰


