Традиционално, и оваа година во Австралија свечено беше одбележан 8 Март – Меѓународниот ден на жената. Македонската заедница уште еднаш покажа дека, иако далеку од татковината, љубовта кон традицијата, почитта кон жената и македонскиот дух живеат силно и гордо.

Нашинците масовно го прославуваа празникот на повеќе места, но централната и највпечатлива манифестација се одржа во престижниот ресторан Sheldon Reception во Мелбурн. Настанот беше вистински празник за очите и душата, на кој присуствуваа околу 600 жени – Македонки кои со гордост ја негуваат својата култура, традиција и заедништво.
За одличната атмосфера и незаборавната забава се погрижи атрактивната и секогаш расположена пејачка Сања Ристеска, која со својот настап ја крена публиката на нозе. Специјален гостин на вечерта беше Петар Дамчески, и татјана Степановска додека пак за автентичниот македонски мелос се погрижија познатите ужичари Стефан Ноцевски и Роп Реџеповски, кои внесоа посебен шмек и ја направија вечерта уште повесела.
Вреди да се напомене дека Sheldon Reception важи за еден од најексклузивните ресторани во Мелбурн, а особена гордост за македонската заедница е фактот што овој престижен објект е во сопственост на Македонци.
Оваа величествена прослава уште еднаш потврди дека каде и да се наоѓаат Македонците низ светот, тие знаат достоинствено да ја негуваат својата традиција, да ја слават жената – столбот на семејството и нацијата – и со гордост да го чуваат македонското име.


