Замина еден од најпочитуваните Македонци на седмиот континент

4 јануари 2026 | 10:30
Време за читање: 2 минути

Австралија, но и целата македонска дијаспора, денес тагуваат.
Замина Љупчо (Луч) Јончевски – Македонецот кој со децении беше дел од срцето на австралиската демократија и најдолго вработениот службеник во Парламентот на Австралија.

Веста за неговата смрт одекна силно, не само во редовите на македонската заедница, туку и во самиот законодавен дом на седмиот континент, каде што Луч беше симбол на професионалност, човечност и почит.

Македонец што гордо ја претставуваше својата заедница

Љупчо Луч Јончевски беше високо ценет службеник во Одделот на Претставничкиот дом, чија кариера се протегаше и во стариот и во сегашниот Парламент на Австралија.
Со својата работа, однесување и достоинство, тој ја претставуваше македонската заедница со гордост, оставајќи неизбришлива трага меѓу колегите и политичарите од сите партии.

Почит од највисоките државни кругови

Од него јавно се простуваат луѓето со кои работел со децении. Во емотивната порака, поранешниот министер Бил Шортен напиша:

„Со голема тага дознав за смртта на Лупчо (Луч) Јончески.
Луч беше најдолгогодишен вработен во Одделот на Претставничкиот дом, а неговото вработување се протегаше и во стариот и во сегашниот Парламент.

Во текот на шесте мандати што ги служев, бев сведок како Луч ја извршува својата улога на ненаметлив, професионален начин и со огромна гордост за улогата што ја играше во австралиската демократија.“

Во продолжение, Шортен истакнува дека Луч се однесувал подеднакво кон секој пратеник, без разлика на политичката припадност, должината на мандатот или позицијата во партиската хиерархија – вредност која денес е реткост.

Човек со срце, но и со храброст

Освен како професионалец, Луч ќе остане запаметен и како топол, пристапен и човечен човек:

„Секогаш велеше ‘здраво’ кога поминуваше покрај вас и се грижеше сите да се чувствуваат дека припаѓаат во ‘домот на народот’.“

Но зад неговата смиреност се криела и вистинска храброст. Шортен открива момент кој многумина нема да го заборават:

„Можеби за некои ќе биде изненадување што Луч имаше рефлекси како леопард. Никогаш нема да го заборавам моментот кога се фрли во акција за да спречи демонстрант кој се закани дека ќе го наруши времето за прашања.
Тие наидоа на својот противник во Лупчо (Луч) Јончески, кој јасно стави до знаење – ‘не е на моја должност’.“

Загуба што се чувствува длабоко

Салите на Парламентарната зграда нема да бидат исти“, стои во пораката на Бил Шортен – реченица што најдобро ја опишува празнината што Луч ја остава зад себе.

Неговата смрт е голема загуба за Австралија, но и за македонската заедница, чиј горд член беше до последниот ден.

Нашите мисли и сочувство се со семејството, пријателите и сите Македонци во Австралија, кои денес изгубија човек што со тивка посветеност и чесна работа покажа како се служи и на државата и на сопствениот народ.


Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*
*