Актерот Стивен Сигал го прослави својот 70-ти роденден во Москва, а за време на прославата ѝ даде поддршка на Русија, но и на нејзиниот претседател, добриот пријател на актерот, Владимир Путин.
На социјалните мрежи кружи видео на кое се гледа како актерот држи говор на церемонија опкружен со неколку руски тајкуни кои се цел на западните санкции поради руската инвазија на Украина. Облечен во својата вообичаена црна кошула, Сигал одржа и краток говор.
„Вие сте моето семејство и моите пријатели. И јас ве сакам сите и стоиме заедно, во добро или во лошо“, им рече тој на гостите, вклучувајќи го и рускиот водител на државната телевизија Владимир Соловјов, кој отворено ја поддржа инвазијата на Путин и Маргарита Симонијан, водечките руски про-Кремљ медиумски магнати и главен уредник на RT, пренесува Дејли Меил.
Долгогодишниот пријател на Путин, американскиот актер, доби руски пасош во 2016 година, а откако пред две години ја изрази својата поддршка за анексијата на Крим, во 2018 година стана специјален пратеник на Русија во САД. Сигал и Путин беа фотографирани заедно во неколку наврати, а се верува дека ги поврзува заедничката љубов кон боречките вештини.

