“Љубовта не родила” е насловот на дуетската песна на фолк пејачката Елена Јовческа и нејзиниот колега Далибор Даки Ѓошиќ. Тие веќе снимија и видео запис за песната кој се очекува да излезе во најскоро време. Снимањето се одвиваше во Прибилци во прекрасна атмосфера, а во спотот се вклучени неколку музичари, но и играорци од КУД “Моминок” од Прилеп. Нивните очекувања од песната и спотот се големи, но ќе остават на публиката и јавноста да ги оценат истите.

Нов дует на македонската фолк сцена. Елена Јовческа и Далибор Даки Ѓошиќ ги споија гласовите во една прекрасна заедничка песна која носи наслов “Љубовта не родила”. Деновиве во соработка со ИН Продукција тие снимија и видео запис во славното село Прибилци. Во снимањето на спотот беа вклучени неколку музичари кои важат за нивни блиски соработници, а видеото го збогатија и младите играорци од КУД “Моминок” Прилеп.
-Тука сме во село Прибилци. Мене ми е втор пат да дојдам тука, но не знаев дека мојот пријател Драги има една ваква прекрасна куќа, која што е направена во еден убав етно модерен стил и мислам дека направивме одличен спот. За тоа се погрижија и ИН Продукција. Морам да се заблагодарам на моите драги колеги кои беа тука со нас, Марјан, Кире и Виктор.-истакна Елена.

Иницијатор за нивниот дует е Далибор, кој воедно е и автор на песната. Тој при интервјуто за ИН ТВ ни раскажа и како дошла соработката со Јовческа, која во моментов важи за една од најатрактивните и најбарани пејачки во земјава.
-Искрено не случајно, бидејќи одамна се познаваме со мојата драга колешка и знам дека толку е актуелна. Кога размислив за дует, реков само Елена и никој друг бидејќи е толку интересна со гласот, изгледот, инструментите и викам тоа е добитна комбинација. Искрено песните ги правам за пет минути за тие луѓе за коишто знам дека би чекорел стабилно понатаму. Со денешниот ден, скоро недела и пол се комплет е завршено околу песната. Толку бевме брзи, без никакви пречки, на моја иницијатива беше поканата заеднички да соработуваме. Нејзина иницијатива е овде да го снимиме видео записот, локацијата е прекрасна. Јас сум првпат овде, но ќе дојдам и повторно.-додава Ѓошиќ, за естрадниот магазин “Естрада плус”.

И двајцата имаат големи очекувања од оваа песна и се надеваат дека ќе ги разиграат срцата на сите нивни фанови во Македонија и надвор од неа. Посакуваат да достигнат голем успех, а најавуваат дека соработката продолжува и понатаму бидејќи веќе имаат доста заеднички планови за нови песни, но и патувања.



