Милион бегалци избегаа од Украина во соседните земји по рускиот напад врз земјата пред една недела, изјави високиот комесар на ОН за бегалци Филипо Гранди.
„За само седум дена бевме сведоци на егзодусот на милион бегалци од Украина во соседните земји“, напиша Гранди на својот Твитер профил.
Тој исто така рече дека за уште милиони луѓе, во Украина, време е да се направи прекин на огнот за да може да пристигне хуманитарна помош и да спаси животи.
Гранди планира да отпатува во следните неколку дена во Романија, Молдавија и Полска, три земји кои примија голем број украински бегалци на нивна територија.
Генералното собрание на Обединетите нации во средата усвои резолуција „со која се повикува Русија веднаш да престане со употреба на сила во Украина“ која ја изгласаа 141 земја, пет беа против и 35 воздржани, вклучително и Кина, од вкупно 193 држави.


