Францускиот премиер Жан Кастекс ообјави дека од 2 февруари земјата постепено ќе ги укинува ограничувањата наметнати во борбата против ковид-19, како што е носењето маска на отворено воведена во некои зони.
На тој датум, девет дена по стапувањето во сила на пропусницата за вакцинација, која дозволува влез во ресторани, кафулиња, јавен превоз и јавни спортски активности, мерките ќе бидат укинати на местата отворени за јавноста и само ќе се „препорачува“ далечинско работење, рече тој.
Пропусницата за вакцинација за лица постари од 16 години, треба да стапи на сила в понеделник и да служи во рекреативни активности, ресторани, места каде што се продаваат пијалаци, саеми, семинари, професионални собири и регионален јавен превоз. Пропусницата за вакцинација треба да овозможи укинување на „повеќето усвоени ограничувања“, рече Кастекс.
Ирска ќе ги укине речиси сите епидемиолошки мерки, откако големото зголемување на инфекцијата не доведе до значително зголемување на бројот на луѓе на кои им е потребна интензивна болничка нега, пренесува Ројтерс.
Јавните здравствени власти ја поддржаа одлуката, а владата одлучила дека баровите и рестораните повеќе нема да мора да се затвораат во 20 часот, ограничување воведено кон крајот на минатата година кога започна бранот омикрон. За влез во баровите и рестораните повеќе нема да бидат потребни сертификати за Ковид.
Отворените и затворените простори ќе се користат со полн капацитет. Некои мерки, како носењето маска во јавниот превоз и во продавниците, засега ќе останат на сила.


