Музичарите бараат од Комисијата за заразни болести протоколи за организирање на свадби

Рестораните и кафулињата сеуште чекаат одговор од Владата на нивните барања за организирање на музички настани. Деновиве се очекува да се донесе одлука за тоа дали ќе биде дозволено одржување на музички настани и под кои услови.

Угостителите и музичарите реагираа на оваа забрана и бараа надлежните да направат промена на одредбата од протоколот со која се забранува организирање музички настани во внатрешни и надворешни делови. Музичарите кои неколку месеци не остваруваат никакви приходи бараат да се дозволат живи свирки во угостителските објекти. На најголем дел од музичарите ова им е основен приход за егзистенција, односно професионално настапуваат во рестораните кафулињата и клубовите. Сега поради ограничувањата не можат да ја извршуваат својата работа и да заработуваат за живот.

-Јас професионално се занимавам со музика, односно живи настапи во ресторани, кафеани, хотели…, а од почетокот на кризата сум невработен и не остварувам никакви приходи. Заедно со мојата група претежно бев ангажиран за матурски, свадби, крштевки и други прослави кои сега се забранети, и ние не работиме. Не ми е јасно како е можно да бидат отворени теретаните, моловите, казината, обложувалниците, а на ние музичарите кои чесно заработуваме да не можеме да работиме. Бараме од Комисијата за заразни болести да донесе и протокол за организирање на свадби, бидејќи во државата 1.500 невести чекаат да прават свадба, вели за весникот ВЕЧЕР, Даниел Максимов, дипломиран музичар познат по живите свирки во градот.

Угостителите апелираа до Владата да се дозволи организирање на музички настани и што е можно поскоро да се донесе протокол за организирање на свадби и други прослави затоа што токму поради тоа многу објекти сè уште се затворени.


Освен за промена на протоколите за организирање свадби, прослави и музички настани останува и барањето за промена на правилото со кое на една маса да може да седат четири лица само ако се од исто семејство.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*