🥧 Тајната на паричката во питата за Василица: Чудото во Кесарија кое ја роди традицијата што ја чуваме со векови

Голем број македонски семејства Василица, на 14 јануари, ја празнуваат како домашна слава, додека оние што го носат името на Свети Василиј Велики тогаш го одбележуваат својот именден. Неизоставен дел од оваа древна традиција е питата или мазникот со паричка, која носи радост, надеж и благослов за целата година.

Но, зошто токму паричка? Одговорот се крие во едно големо чудо, кое се случило во градот Кесарија, во Мала Азија.

Свети Василиј бил епископ на Кесарија и живеел во љубов и слога со својот народ, кој во тоа време бил многу сиромашен. Неговото пастирско дело се темелело на помагање, разбирање и пожртвуваност.

Еден ден, во близина на градот поминал Јулијан Отстапникот, нечесен цар и жесток гонител на христијаните, кој тргнал во војна против Персија. Свети Василиј, кој го познавал уште од студентските денови во Атина, излегол со народот да го пречека и да го почести. Јулијан, очекувајќи злато и скапоцености, побарал дарови.

Но, светиот немал ништо друго освен три леба од јачмен, кои му ги подал со смирение. Навреден од сиромашниот дар, царот наредил слугите да соберат трева од ливадата и да му ја дадат на епископот како возврат.

На тоа, свети Василиј достоинствено одговорил:

„Ние, цару, ти принесовме од нашата храна, а ти ни враќаш од тоа што и самиот го јадеш.“

Разгневен, Јулијан се заканил дека по враќањето од Персија ќе ја запали Кесарија, ќе го пороби народот и сурово ќе го казни Василиј.

Исплашен за својот народ, свети Василиј побарал граѓаните да го соберат сето злато што го имаат, со надеж дека така ќе го смират гневот на царот. Истовремено, им наложил пост и молитва.

За време на богослужба, светителот имал небесно видение: Пресвета Богородица, опкружена со ангели, го испратила маченикот свети Меркуриј со ангелска војска против Јулијан. Во ист миг, маченикот го усмртил царот со копје.

Набрзо стигнала веста – Јулијан бил убиен, а градот Кесарија бил спасен.

Но, останал уште еден предизвик: што да се направи со златото што народот го собра? Свети Василиј се помолил и добил мудра замисла. Наредил да се замесат лебови, а во секој да се стави по мал дел од златото. Лебовите биле поделени како благослов на сите семејства.

Кога луѓето ги пресекле лебовите, се случило ново чудо – секој во својот леб го пронашол токму она злато што претходно го дал.

Така, преку тогашната „василопита“, Свети Василиј им донел и радост и благослов.

Оттогаш, па сѐ до денес, на денот на Свети Василиј – Василица, македонските семејства месат пита или мазник и во неа ставаат паричка или златник, во спомен на чудото од Кесарија, како симбол на среќа, изобилство и Божји благослов за новата година. ✨

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*