ШТО Е ТОА ПСИХОПАТСКА ЛИЧНОСТ ?

Деновиве, како реакција од страна на јавноста, а во врска со добиената страшна вест за грозоморните убиства, во повеќе наврати го слушнавме и терминот (поимот) психопат-и. Од овие причини (како поранешен припадник на МВР, но и професор на Полициската академија – Факултетот за безбедност во Скопје) почувствував потреба да споделам некои научни и стручни информации, пред сѐ, поврзани со карактеристиките на насилната психопатска личност. Но, најпрвин сакам да изразам искрено сочувство до семејствата на жртвите од овој монструозен чин.Во светската криминолошко-психолошка и криминалистичка литература јасно се укажува на тоа дека психопатите по својата психолошка структура се личности со склоност кон психо-физичко насилство. Овој насилнички синдром се опишува преку две димензии и тоа: едната е агресивен нарцизам во којшто спаѓаат егоцентричноста, отсуството од каење, безчуствителноста и сл. Сите овие елементи се во тесна корелација со нискиот коефициент на емпатија и изразит макијавелизам. Другата димензија, пак, се огледа во антисоцијалниот животен стил – кадешто спаѓаат неодговорното и импулсивното однесување, раната склоност кон девијантност и сл. Имајќи го предвид сето ова, како и фактот дека постојат многу особини коишто се специфични за психопатите и нивниот однос со криминалот, мислам дека добро би било да опишам некои од нив. Имено, психопатите се по природа неискрени, слаткоречиви и имаат површен шарм. Ова значи дека тие на прв поглед изгледаат забавни соговорници и можат да искажат убедлив говор и сл. Но, во секојдневниот живот, тие се со потполна емоционална дистанцираност и можат да опишуваат ужасни поединости, поврзани со некое тешко убиство, силување и сл. коешто го сториле тие, а притоа не покажувајќи никакви знаци на збунетост, анксиозност или нешто слично. Кај нив секогаш е присутно чувството на грандиозност и за себе мислат дека се луѓе со големи вредности и самоувереност. Тоа го покажуваат насекаде, па дури и во судница. Со тоа настојуваат да воспостават моќ и контрола врз другите и да ја покажат својата супериорност, но и уверување дека луѓето ги почитуваат или, пак, им се плашат и сл.Повеќето од нив се занимаваат со насилнички криминалитет, пред сѐ, заради потребата од возбудување и уживање во морбидно страшна криминална сцена, којашто ја прават преку многу тешки и сериозни кривични дела. Исто така, ваквите личности подготвени се да фабрикуваат лаги и невистини и затоа треба да се потенцира дека при давањето на нивните изјави, секогаш постои неусогласеност и нелогичност. Понатаму, психопатите имаат изразена неспособност да доживеат емоција. Тие не чувствуваат и страв. Имено, при лабораториски испитувања во некои од развиените држави, се покажало дека на психопатите им недостигаат физиолошки реакции кои вообичаено се доведуваат во врска со стравот. Сето ова е поврзано и со недостаток од емпатија кај психопатите, коишто другите луѓе ги замислуваат како објекти што треба да бидат изманипулирани, повредени и уништени. Како резултат на ова, меѓу другото, вршат ладнокрвно брутални и свирепи убиства, разбојништва, силувања и сл. Исто така, имаат склоност да нападнат ненадејно, многу агресивно и со жестоки вербални навреди и без размислувања за последиците кон нив и кон другите. Всушност, тие континуирано се со деструктивно ниво на однесување, при што се во постојан конфликт со самите себе и со својата околина. Оттука, може да се извлече заклучокот дека психопатите не сакаат, а и не се трудат своето однесување да го усогласат со интересите на општеството и си уживаат во криминалното однесување. Ваквите личности ги разбираат нормите и прописите, ама нив не ги почитуваат и затоа тие во науката се третираат како пресметливи и кривично одговорни за своите криминални дела, постапки и активности. За жал, и денес се повеќе страдаат невини луѓе, а општата загрозеност и опасност (од ваквата категорија сурови луѓе) останува и натаму. Во оваа насока, ќе го кажам следново: и покрај благородните намери на законодавствата и на специјалистите за ментално здравје, многу држави во светот заклучиле дека ваквите патолошко безкруполозни криминалци не можат да се лекуваат ниту, пак, да се ресоцијализраат. И затоа се вели дека психопатијата е еден од доминантните ризик фактори за вршење тешки кривични дела со големи последици и дека во суштина тоа е криминолошко-психолошки проблем, којшто од поодамна бил означен како ,,морално лудило,,. Но, и покрај тоа, општествената реакција не смее да изостанува и ваквите агресивно психопатски криминалци секогаш треба да бидат контролирани, но и изведувани пред лицето на правдата за да истите ја добијат заслужената казна – кога за тоа постои законски основ, односно кога во потполност е утврдена фактичката состојба во врска со постоење на конкретно кривично дело. А, принципот за утврдување на вистината мора да биде присутен, почнувајќи од првите основи на сомневање дека определено лице со ваков предзнак е можен сторител на кривично дело, па сѐ до завршување на кривичната постапка.

Пишува професорот во пензија Гоце Џуклески

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*