Националниот парк Галичица денес е дом на вистинска природна сензација – повеќе од 200 елени кои слободно се движат и се размножуваат во рамки на Репродуктивниот центар, резултат на долгогодишна, посветена и професионална грижа.
Од 2019 година, кога центарот започна со работа со околу 30 единки, до денес, популацијата на елени бележи импресивен раст, што претставува еден од најуспешните примери за заштита и обновување на дивиот свет во земјава.

Видеото со елените, кое Националниот парк Галичица го објави пред неколку дена, предизвика огромен интерес во јавноста и отвори бројни прашања – како се хранат елените, кој се грижи за нив, и како се заштитени од нелегален лов.
Како одговор, Паркот денеска објави фотографии од Репродуктивниот центар и секојдневната грижа што се вложува во него, откривајќи ја вистинската приказна зад овој успех.
– Нашиот посветен ренџер Лазе, заедно со неговите помошници Јане и Кире, секојдневно се на терен. Тие обезбедуваат храна и вода, вршат редовни контроли и постојано се грижат за безбедноста и благосостојбата на елените – информираат од Националниот парк Галичица.
Покрај постојаното присуство на ренџерската служба, Репродуктивниот центар е опремен и со современ видео-надзор систем, кој овозможува 24-часовна заштита, следење на движењето и навремена реакција при каква било закана.
Репродуктивниот центар е отворен во 2019 година со јасна цел – активно управување со високопланинските пасишта, заштита и обновување на популацијата на елени, како и долгорочно зачувување на биолошката разновидност во Националниот парк Галичица.
Оваа приказна е доказ дека кога постојат визија, стручност и посветеност, природата знае да возврати со најубавите резултати. 🌿🦌

Leave a Reply