Нашата света Македонска православна црква „Св. Кирил и Методиј“ во Вилоубрук, Илиноис, заедно со парохискиот свештеник Отец Тони Јошевски, црковната управа, како и сите волонтери и донатори, упатува искрена и голема благодарност до целиот верен народ кој во изминатите денови во голем број ја посети црквата и учествуваше во празнувањето на Христовото Рождество – Божиќ.
Божиќните празници поминаа во дух на молитва, заедништво и љубов, а посебно свечен и историски момент беше забележан на првиот ден од Божиќ, по завршувањето на Светата Божествена Литургија.

Во присуство на верниот народ, беше извршен свечен чин во кој Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот на Американско-канадската епархија г. Методиј, го одликува нашиот парохиски свештеник Отец Тони Јошевски со напрсен крст и го произведе во највисокиот свештенички чин – Протојереј-ставрофор.
Ова одликување претставува највисоко признание за еден свештенослужител, доделено како знак на благодарност за неговиот долгогодишен труд, пожртвуваност и несебична пастирска грижа за стадото Христово и за духовниот живот на македонската православна заедница во Илиноис.
Со оваа свечена пригода, црковната општина ја користи можноста да упати искрени честитки до нашиот Отец Тони, со благодарност за сето она што го има направено и продолжува да го прави за верниците и за нашата Македонска православна црква „Св. Кирил и Методиј“.
Нека Господ му подари здравје, сила и уште многу години плодна служба во Негова слава и за радост на верниот народ.
Нека му е честито и благословено!
Достоен! Достоен! Достоен!
Христос се роди!
Навистина се роди! ✨
📸 Фото: Цавироски Стојанче

Leave a Reply