Австралиски Македонци со песна во чест на Васка Илиева: Гласот што не се заборава (Видео )

На 4 мај 2025 година, токму на денот кога пред 24 години замина една од најголемите икони на македонската народна музика, Васка Илиева, група Македонци од Австралија снимија специјална песна во нејзина чест. Идејата се родила спонтано – за време на еден обичен кафе-муабет во кафе клуб во Мортдајл, Сиднеј – меѓу неколкумина ентузијасти и љубители на делото на Васка.

Главен иницијатор на проектот бил Драги Јовановски, кој долго време чувствувал дека за една таква величина, треба да постои уметнички омаж кој ќе ја раскаже нејзината животна приказна и придонесот кон македонската традиционална музика. Заедно со Злате Кулевски, кој ја напиша музиката и текстот, и со поддршка од пријателите Драги Вангеловски и Бале Стојчевски – Гаште, започна реализацијата на песната.

Аранжманот го изработи познатиот музичар Гоце Петрески – Бананата, а мелодијата дополнително беше збогатена со звуците на трубата на Тони Илиоски. Песната е интерпретирана од песнопојците Злате и Марика Кулевски, а во снимањето помогна и Мајкл Кулевски.

Проектот е поддржан од SMS FILMS – Ѓорѓи и Мирјана од Сиднеј, кои стојат зад техничката реализација.

🔗 Повеќе за поддржувачот SMS FILMS


Васка Илиева – Симбол на македонскиот фолклор

Родена на 21 декември 1923 година во Скопје, Васка Илиева ја започна својата кариера како член на ансамблот „Танец“, за потоа да стане солист на Радио Скопје и една од најплодните и највлијателни фолк-пејачки во македонската историја.

Со репертоар од над 800 песни и над 70 авторски композиции, нејзиниот глас стана симбол на народната традиција и националниот идентитет. Позната по емотивните и патриотски интерпретации, Васка беше мост меѓу генерациите, изведувајќи песни како „Земјо македонска“, „Далеку од тебе Македонијо“ и „Кој што ме чуе да пеам“.

Во текот на кариерата, таа настапувала во повеќе земји, меѓу кои Австралија (дури 11 пати), САД, Канада, Русија, Германија, Холандија и други, секогаш дочекувана со љубов и восхит од македонската дијаспора.

Почина на 4 мај 2001 година, но нејзиниот дух и глас сѐ уште одекнуваат во срцата на Македонците ширум светот.


Оваа песна од Австралија е потсетник дека делото на Васка Илиева живее и инспирира нови генерации, дури и илјадници километри далеку од татковината.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*