По 12 сати потрага пронајден моторџијата по кој се трагаше во Охридско

Доцна синоќа во 23:28ч. оперативниот центар на ПСС беше алармиран од граѓанин на Охрид, со информација дека негов близок роднина, кој заедно со уште две други лица бил на мото крос тура на Плакенска планина, се оделил од групата и сеуште не се вратил од планината.По проверка на информациите и воспоставен контакт со останатите членови на групата, дознавме дека групата од три моторни возила (2 АТВ-а и 1 мото крос) заедно биле на тура на Сталев камен, од каде требало да се спуштат до селото Куратица, за да ја завршат турата. Од непознати причини, возачот на кросот, од врвот Сталев камен, тргнал надолу неколку минути пред останатите и за кратко време им се изгубил од видикот. Останатите двајца возачи, во надеж дека брзо ќе го стигнат, побрзале надолу и откако забележале дека премногу е оддалечен, се обиделе да го контактираат на мобилен телефон во 18:45ч. За несреќа, телефонот на изгубеното лице бил со испразнета батерија и, веднаш по воспоставувањето на контакт, се исклучил без да успеат да разберат што се случило. Двајцата возачи на АТВ возила, одлучиле да се спуштат во с. Куратица и да проверат дали можеби третиот е веќе стигнат. Откако се осигурале дека возачот на кросот не е стигнат на крајната дестинација, со останати соселани се организирале и со неколку теренски возила се вратиле во планината, во потрага по изгубениот возач. Мештаните, кои одлично ја познаваат планината, при отежнати услови во ноќните часови, ги поминале сите можни планински патишта, дури и по неколку пати, но без успех. Поради тоа и поради сомнеж дека можеби станува збор за сериозна несреќа, одлучиле да побараат помош од Планинската Спасителна Служба. Согласно протоколот за делување во вакви ситуации, ПСС мобилизира 8 припадници, од кои 5 веднаш се упатија на терен со едно теренско возило и едно АТВ, тројца останаа во оперативниот центар да ја подготват логистиката за долготрајно пребарување, а останатите беа алармирани да бидат во приправност. Тимот пристигна на местото на настанот во 01:20ч., каде во придружба на мештаните изврши првично извидување на теренот и брифинг за дотогаш преземените дејствија. Откако беше констатирано дека сите шумски патишта во високата зона од планината се пребарани по неколку пати, во 03:00ч. беше одлучено сите тимови да се повлечат до изгрејсонце, кога потрагата би продолжила на дневна светлина. Поради големината на планинскиот масив, брзината со која моторист може да се движи на таков терен, како и природата на можните повреди кои би настанале при евентуален пад, одлучивме во операцијата за пребарување, да побараме асистенција од воздухоплов, за што веднаш упативме барање до Центарот за управување со кризи. Рано утрото во 6:15ч. раководителот на ПСС беше контактиран од страна на директорот на ЦУК г-дин Стојанче Ангелов, со информација дека хеликоптер на армискиот воздухопловен ВИНГ е веќе одобрен, но поради нивна вклученост во гаснење на шумските пожари кои беснеат во неколку региони на државата, истите ќе бидат во stand by позиција, а за кратко се очекува и потврда од МВР, чиј хеликоптер би се вклучил во потрагата. Веќе во 07:30ч. хеликоптерот полета од Скопје и во 08:10ч. започна со детално пребарување на високите зони од планината на потегот од превојот Буково, сѐ до Илинска Планина на север. За жал, и по 2 часа детално пребарување, немаше резултати, по што хеликоптерот се повлече, а тимот на ПСС веќе започна со подготовка на план за детално теренско пребарување. Од логистички аспект ова е најсложена операција, која бара вклученост на голем број луѓе и целосна логистика за нивно безбедно делување. Поради тоа, на терен се упатија и 10 припадници на полицијата од СВР Охрид. За среќа, во 10:20ч. бевме информирани дека лицето по кое се трага, се јавило на негови блиски и ги информирало дека по цела вечер талкање низ планината, успеал да се спушти во с. Брежани, каде се наѓа во моменот само со лесни повреди. По оваа среќна информација, акцијата е прекината, а тимовите од ПСС, полицијата и локалното население се повлекоа од планината. Среќниот епилог на акцијата, ја претвори истата во одличен тест и вежба за координација помеѓу ПСС и државните институции, како и нивната меѓусебна соработка во случаи кога станува збор за организирање на ефикасни операции за спасување на човечки животи. Оваа непланирана „вежба“, докажа дека како општество, имаме доволен капацитет, соодветно едуциран персонал и современа опрема, а ни недостасуваат само дефинирани Стандардни Оперативни Процедури (СОП) за меѓусебно координирано делување. Во овој случај, целиот систем беше навреме и ефикасно координиран, благодарение на личните заложби од ВД директорот на ЦУК г-дин Стојанче Ангелов, кој и сам констатира дека она што мора најбрзо да се менува, е токму зависноста на системот од личните релации на поединци, наместо од потребите на самите оперативни тимови кои делуваат на терен. На крајот, сакаме уште еднаш да апелираме до сите љубители на планинските авантури, да ги почитуваат основните правила за движење и однесување на планина, да не ги потценуваат планините и да не ги преценуваат сопствените способности, за време на турите да се движат во групи од кои нема да се издвојуваат, како и да поседуваат соодветна опрема за условите и мобилен телефон со полна батерија, како би можеле навреме да побараат помош во случај на несреќа.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*